Каде во Европа претседателите се бираат во парламентите

Најголема моќ од претседателите што се бираат во собранието има шефот на државата на Италија. Него го бира електорски колеџ од илјада души


Седиштето на претседателот на Италија, палатата Квиринале

 

Наводната бомба, или подобро речено петарда позната како „топовски удар“, што ја фрли Демократската унија за интеграција за барањето претседателот на државата да се бира во Собранието со мнозинство од две третини, плус Бадинтер (а можеби да има и заменик-претседател), ниту е нова, ниту особено оригинална идеја, ниту некоја специјална понуда за кампањата и настаните по првиот круг. Ниту пак има некакво вистинско политичко и оптествено елаборирање, освен барањето и за Бадинтер. Тоа единствено значи претседателот да се бира од пратениците со етнички консезус.

Иако албанската опозиција тоа го предложи еден ден пред ДУИ (Артан Груби тврди дека таа „по тајни канали“ го украла говорот на Али Ахмети), ниту таа не понуди нешто поконкретно освен нафрлената идеја. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ веднаш го отфрлија тој предлог, а Арбен Таравари потоа направи чекор-два назад велејќи дека изборот за претседател на државата во Собранието не е услов за формирање идна владина коалиција, туку идеја за поширока општествена дебата.

Иако партиите од албанскиот блок не ги споменуваат директно обрасците по кои тие би сакале да се изведе оваа операцијаија со промена на уставот ги гледаат во Албанија и Косово. А површно ја споменуваат и Германија. Тоа се површни асоцијации, кои, во основа треба да ја исклучат волјата на народот и на избори да дадат најширок можен легитимитет за шефот на државата.

Каква е мапата на Европа во републиките кои ги бираат претседателите? Дури во 21 држава претседателите се бираат на непосредни избори на сите граѓани во два круга на гласање (ако е потребно). Само во осум држави тоа се прави во нивните парламенти. Тоа се Германија, Естонија, Летонија, Унгарија, Италија, Грција, Албанија и Косово. Освен претседателот на Италија, сите други шефови на држави имаат, повеќе или помалку, протоколарна функција. Иако, генерално, се врховни команданти на армијата.

На пример, претседателот на Грција, освен што го дава мандатот составување влада, нема други посериозни надлежности. Претседателот на Албанија се бира со мнозинство од три петини на пратениците, а негова должност е да го одредува датумот на изборите.

Претседателот на Унгарија е, генерално, церемонијална фигура, чиј избор зависи од волјата на партијата на власт. Примерот што повремено се споменува – Германија, е речиси несоодветен. Прво, од начинот на изборот, а понатаму со надлежностите кои ги има. Претседателот на Германија (сега е Франк-Валтер Штајнамер) се бира на специјална федерална конвенција, каде учествуваат сите пратеници на Бундестагот, како и електори од 16 германски покраини. За да биде избран кандидатот во првите два круга треба да освои апсолутно мнозинство. Ако го нема, во третиот и финален круг претседател станува кандидатот што добил мнозинство од оние што гласале.

Улогата на претседателот на Германија е главно церемонијална, тој мора да биде дистанциран од секојдневните политички расправи меѓу партиите, но може да дејствува политички и да поттикнув генерална политичка и социјална дебата за прашања што се важни за општеството. Има минорна надлежност во надворешната политика. Според германскиот устав, Министерството за надворешни работи е одговорно за креирање и спроведување на надворешната политика. Тоа е поставено дури и пред канцеларот и владата.

Најголема моќ од претседателите што се бираат во собранието има шефот на државата на Италија. И тој се бира од специјален изборен колеџ со мандат од седум години. Колеџот брои обично околу 1.000 електори и е составен од членовите на парламентот, Сенатот и претставници на 20 региони на Италија. Претседателот (сега е Серџо Матарела) е врховен командант на вооружените сили и претседава со Високиот совет на судството. Тој го претставува националното единство и гарантира дека италијанската политика е во согласност со уставот. Без оглед на која политичка идеологија припаѓа почитувањето на претседателот е целосно од партиите. Улогата на претседателот е исклучително важна во време на политички или владини кризи, кога тој низ серија разговори го одредува најдобриот можен излез и го предлага мандатарот за следниот кабинет.

Дури во 21 држава претседателот се избира на непосредни избор на граѓаните за да му дадат мандат на еден човек кој треба да биде гарант на уставноста во земјата и да го претставува нејзиното единство. Некои имаат голема моќ (како во Франција), некои се повеќе олицетворение на духот и заедништвото на нацијата (како во Ирска). Единаесет држави во Европа се монархии – кралства, кнежевства или големи војводства.

Доколку има промена на изборот на претседателот на државата во Македонија и тој да се бира во Собранието, многу сигурно дека ќе треба да се менуваат и неговите уставни надлежности. Тој има влијание во конципирањето на надворешната политика. Ако изборот се сведува на гласање во парламентот и одобрување со Бадинтер, претседателот ќе биде продукт на волјата на партиите и нивните интереси, а не на волјата на граѓаните. (Љ.П.)