Изборен штаб на Пендаровски: Силјановска е албанофоб и антиевропски политичар


Фото. Б. Грданоски

ВМРО-ДПМНЕ е партија која што функцијата претседател на државата ја деградира и смета дека истата може да ја извршува единствено нечиј партиски послушник“, реагираа денес од изборниот штаб на претседателот Стево Пендаровски.  Според нив, тоа е причината што и на овие избори наместо со професионална, натпартиска личност како што најавуваше, ВМРО-ДПМНЕ излегува со докажан партиски кадар како Гордана Силјановска Давкова, актуелна пратеничка во Собранието каде ревносно ги брани ставовите на партијата.

-Силјановска Давкова не е ново лице на македонската политичка сцена, нејзиното политичко профилирање е уште во далечниот период  од 1992 – 1994 година, како министерка во првата Влада на СДСМ, а не се непознати ниту нејзините политички ставови.

Силјановска Давкова беше гласен противник на Законот за употреба на јазиците и се докажа како албанофоб, а со силното противење на Договорот од Преспа и на Преговарачката рамка за влез во ЕУ, се докажа и како антиевропски политичар. Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ предлага вакви „натпартиски“ кадри, цената на крајот ја плаќаат граѓаните. Така беше и со Ѓорге Иванов кој ја сроза функцијата претседател на државата, така е и со Данела Арсовска која за две години направи пустош во Град Скопје.  

Но, ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка треба да бидат свесни дека граѓаните нема да дозволат функцијата претседател на државата одново да биде погазувана и понижувана, а самата држава да тргне во погрешен правец, како што тоа беше случај цели 11 години, стои во реакцијата од изборниот штаб на Пендаровски.

Во интервју за „Сител“  Пендаровски исто така кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ја лаже јавноста дека ќе испреговара подобар договор со Бугарија и најави дека, ако се случи тоа – тој ќе стане член на оваа партија.

-Ми пречи кога некој ги лаже луѓето со години. Излегува дека „тие се неспособни, а ние не само што ќе ја смениме рамката за преговори, туку ќе ги вклучиме и Македонците во бугарскиот Устав“. Зошто утре, ајде денес да ги впишеме Македонците во бугарскиот Устав – нашето малцинство кое е малтретирано со децении, најмалку 70-80 години, поминало низ страшни маки и голгота, но кажете ми каков е тој магичен начин? Како ќе ги внесете во Уставот? Преку владата? Во бугарската влада денес клучен фактор е Бојко Борисов кој го потпиша Договорот за пријателство и добрососедство во 2017 година. И сега овој човек треба да каже дека овој договор не постои, ајде да направиме нов подобар за Македонците? Не верувам во тоа. И морав на ВМРО-ДПМНЕ на таков пародичен начин да им кажам дека не лажат, гледајќи не во очи. За да ги вклучиме Македонците во бугарскиот устав мора да се смени целосно затоа што во него нема малцинства. Не мислам дека светските сили можат да го сменат бугарскиот Устав како што мисли опозициската партија, која смета дека е фактор број еден во светот, рече Пендаровски.