Кабелските оператори се закануваат со телевизиски мрак


Фото: Б. Грданоски

Од 21 јуни делумно, а од 8 август целосно исклучување на програмите на странските телевизии, најавуваат кабелските оператори. Бараат алтернативи за да не се случи телевизиски мрак. Владата бара решение во рамки на АВМУ

Од 21 јуни делумно, а од 8 август целосно исклучување на програмите на странските телевизии, најавуваат кабелските оператори незадоволни од последните одлуки на Владата. Регулирањето на авторските права за програмите што ги емитуваат кабелските оператори во македонскиот етер се спроведува со уредби спротивни на ЕУ стандардите, велат тие и предупредуваат дека се турка решение кое може да предизвика телевизиски мрак. Со владина уредба од 29 мај се врати во сила спорниот член од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со кој во рок од 60 дена операторите треба да обезбедат пререгистрација на странските програмски сервиси и писмено да гарантираат за авторските права на програмите кои ги емитуваат под материјална и кривична одговорност.

Станува збор за обврска како дел од законот чии измени беа усвоени на 16 февруари пред распуштањето на парламентот. Операторите уште тогаш реагираа дека законската обврска е неприменлива и го оспорија член 143 пред Уставниот суд, но тој не се произнесе по него. На почетокот на април, Владата со уредба привремено го исфрли за да се најде решение, но сега повторно го врати во сила:

„Сите оператори засегнати од оваа проблематика, се соочени со фактот дека по истекот на 60 дена, односно на 08.08.2020 година, ќе треба да исклучат поголем број од странските ТВ канали кои ги реемитуваме, поради регулативата која од една страна бара нивна пререгистрација под нови услови без оправдани причини, а од друга, ја прави невозможна со задолженијата за изјави со кои под морална и кривична одговорност би одговарале за нешто што немаме законска должност ниту пак, моќ да го контролираме. Таквата состојба, заради економска неодржливост, на крај ќе резултира со комплетно згаснување на платформите за реемитување на програмски содржини, што ќе значи целосно згаснување на оваа електронска комуникациска услуга  и враќање на достапноста и разновидноста на телевизиски содржини на ниво од пред 30-40 години“, се наведува во протестниот допис од страна на операторите до владата, надлежните институции и странски амбасади во земјава во кој имаше увид ДВ.

Deutschland Freizeit Fernsehen Symbolbild (picture-alliance/dpa)

 

Обврските од членот 143 според операторите се неприменливи, создаваат правна несигурност и повисоки трошоци во работењето. Во вакви услови операторите велат дека се принудени на протестен прекин на емитувањето на програмите од 21 јуни:

„Принудени сме да започнеме со времени прекини во реемитувањето на телевизиските програми во знак на протест поради неодржливоста на сегашната правна рамка и наметнатите неуставни обврски. За време на прекините на екранот ќе ја испишеме причината за тоа, со цел да ги запознаеме нашите корисници и општата јавност со она што ги очекува на почетокот на август оваа година како резултат на донесената Уредба. Одлуката за прекини ќе биде на сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение со кое ќе се стават вон сила спорните одредби кои го оневозможуваат реемитувањето“, предупредуваат операторите.

За решавање на проблемот, кабелските оператори бараат измена на подзаконските акти во надлежност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со што потенцијалот од ризик за повреда на авторските права ќе се сведе на минимум и предлагаат компромис:

„Предлагаме измена на Упатството за постапката за утврдување на одговорноста за сторена повреда или прекршување при реемитување на програмски сервиси на радиодифузери од друга држава со додавање соодветна процедура што ќе ја официјализира постапката на затемнување на секоја содржина реемитувана од странски радиодифузер за која национален радиодифузер ќе не извести дека поседува ексклузивни и/или приоритетни права за реемитување на територијата на С. Македонија. Доколку овие измени бидат прифатени, ќе направиме дополнителна активност во осигурување на почитувањето на авторските права, а со тоа ќе станат непотребни строгите изјави кои ни се наметнати, а кои нема да можеме да ги обезбедиме“, порачуваат оераторите.

Symbolbild Fernsehen Medien (Colourbox)

Од Владата не гледаат причина за проблеми ако засегнатите страни седнат на маса и ги усогласат ставовите. Целиот процес сега треба да се заокружи во рамки на Агенцијата за медиуми која треба да ги донесе подзаконските акти:
„„АВМУ треба да ги донесе подзаконските акти, што значи во рок од  тие 60 дена ако има предлог за измена на упатството со кое ќе се утврдува начинот на кој што ќе се утврдува прекршувањето на авторското право, повторно може да има измена. Тука лежи решението на проблемот, тие треба да седнат да се договорат, а мислам дека се блиску. Само треба да го почнат разговорот. Треба да дадат предлог со кој ќе се утврди постапката со која ќе се утврдува евентуалното прекршување на почитувањето на авторските права. Врз основа на тоа АВМУ распишува јавна расправа која што трае 30 дена и може да се смени упатството. Операторите ова го прават за да предизвикаат реакција од страна на сите, во насока на изнаоѓање решение и јас сум оптимист дека ќе изнајдат заеднички јазик во рамките на 60 дена и тука да се затвори конечно ова долгорочно прашање. Операторите со радиодифузерите преку Агенцијата која сметам дека е апсолутно коректна. И во смисла што и да се договорат нека дадат предлог и ние ќе го прифатиме тоа, битно е да седнат и да се договорат“, изјави за Дојче веле Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и јавна администрација.

Проблеми според него нема да има ако сите ги почитуваат авторските права:

„Ние сме последната земја во Европа во која масовно се кршат авторските права и се пренесуваат сигнали на разни терестријални радиодифузери кои што немаат апсолутно никакви авторски права за територијата на нашата држава. Ова е стар проблем над 20 години моравме нешто да преземеме за конечно да се почитуваат авторските права. Во ниедна земја на Европа не се случува ова што го има кај нас“, предупредува Манчевски.

Од Агенцијата за медиуми веќе предупредија од брзоплето решавање на прашањето пред распуштање на парламентот. Предизборно, не сакаат да коментираат јавно околу целиот процес, за кој сметаат дека дополнително се компромитира со постојана промена на уредбите:

„Треба решение но не како што се случува периодов со промени на уредбите и со уцени од една и од друга страна. Каква јавна расправа да правиме кога не сум ја видел уредбата. Да, подзаконскиот акт е стапен во сила, но кабловските оператори имаат рок до август да ги обезбедат изјавите што ги бара законот, но сигурен сум дека директорите на странските телевизии нема да дадат такви изјави. Решението е на друг начин, но се води политика купи ден продај ден. Ако Владата застанува на ставот дека кабелските оператори треба да им плаќаат на телевизите треба тоа да го стават тоа закон, а не да се бара тоа да биде во подзаконски акт. Затоа треба да се седне отворено да се разговара, но не знам дали има подготвеност за тоа“, коментира за Дојче веле претставник од АВМУ.

Symbolbild Netzneutralität (Fotolia/vschlichting)

Националните телевизии пак воопшто не сакаат да разговараат за какви било предлози на оператороите. Инсистираат на почитување на законите:

„Бараме како што се почитуваат законите за нас, да се почитуваат и за кабловските оператори. Единствени надлежни институции ако треба да го решат проблемот, ако воопшто има проблем, а ние како телевизија не гледаме проблем, се надлежното министерство, јавното обвинителство кое мора да реагира за досега поднесените кривични пријави и АВМУ да си го следи членот 143 и се однесува според подзаконските акти кои што си ги донело. Значи бараме прекин на нелегално емитување на странските програми, посебно на регионалните. Тоа го бараме уште од кога постои Македонската медиумска асоцијација, а тоа е седум години и тоа не е ништо ново. Ова што го предлагаат сега операторите да ги известуваме е нелогично. Они треба да си добијат дозвола од странскиот радиодифузер кој ќе им гарантира дека имаат 100% права за својата програма“, изјави за Дојче веле Иван Мирчевски, директор на телевизијата „Канал 5“.

Законот за АВМУ беше донесен во 2018, а измените и проблематичните членови поминаа без претходна јавна расправа. Операторите кои се обединети во Здружение за информатичко-комуникациски технологии уште во старт реагираа дека постапката се турка спортивно на директивите и основните принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ. Изразија и сомнеж дека на тој начин владата и владејачките партии им ги исполнуваат желбите на националните телевизии на нивна сметка. Кабелските оператори во моментов имаат околу 420 илјади претплатници и контролираат речиси 90 проценти од пазарот во земјата. Најголемите меѓу нив се во рацете на странски компании како германскиот „Дојче Телеком“ и австрискиот „А1“. (Дојче Веле)