Јурица Паѓен во Скопје: Денес музичката сцена е квантитет што не поддржува квалитет
„Пол Макартни има вкус, но искрено се уште не знам дали навистина ми ја украде песната“, вели фронтменот на „Аеродром“, еден од најценетите рок уметници од овие простори
Јурица Паѓен, култен рок музичар, и Владо Калембер, кој се уште важи за голем заводник, се меѓу пејачите кои ќе настапат утревечер во Филхармонија, на концертниот спектакл „Памтим само сретне дане“ со хитовите на загрепската поп рок школа од 80-тите и 90-тите години.
Тоа беше повод, за средба на медиумите со фронтменот на „Аеродром“ во центарот на Скопје, во градската кафеана „Пелистер“, каде беа претставени двете актуелни изданија на Јура и „Аеродром“, објавени под етикета на Croatia Records – студискиот албум „Дневни ритуали“ и колекција хитови „Greatest Hits Collection“. Домаќин ни беше Иван Бечковиќ, експерт и супервизор на „Кроација рекордс“ за Македонија. На лежерното матине, со кафе и евоцирање на спомени, се придружија и Калембер и легендарниот македонски композитор Григор Копров.
Паѓен ( 69) на музичката сцена е повеќе од 50 години. Членувал во „Група 220“, „Парни ваљак“, „Азра“…, бил дел од „Севдах шатл бенд“ на Џони Штулиќ, снимил неколку соло-албуми, соработувал со многу музичари од регионот…, но главниот дел од кариерата и го посветил на групата „Аеродром“. Ги паметиме хитовите – „Фратело“, „Обична љубавна пјесма“, „Дигни ме високо“, „Стави праву ствар на право мјесто“, „Што си у каву ставила“…
На новинарското прашање , кој е најголем хит на „Аеродром“ Паѓен, еден од најценетите рок уметници од овие простори, дипломатски одговори дека бендот, навистина, има многу одлични песни, за некого „Фратело“ е најголема, за некого класичната „Обична љубовна песна“, а за некого ласкавата „Што си у каву ставила“.
Бил член и на „Азра“, како беше да се соработува со Џони Штулиќ?
„Соработката со Џони беше како да летате во авион кој одвреме-навреме го тресе силни турбуленции, така што никогаш не сте сигурни дали ќе завршите таму каде што сте сакале. Но, во секој случај, тоа беше непроценливо и незаборавно искуство“, вели Паѓен.
„Аеродром“ создаде голем број вечни хитови, која песна на овој бенд му била омилена?
„Ми се допаѓаат многу песни од „Аеродром“ и луѓето ги знаат повеќето, но има и помалку познати песни кои ми се допаѓаат, на пример „Поздрав од Бардо Равни“, во која на клавијатури свиреше големиот Лаза Ристовски, а саксофон свиреше великанот на џезот Миро Седак – Бенчиќ. Тука е и песната „Одлазим“ од албумот „Обична љубавна пјесма“ која е снимена во Шведска, каде ни гостуваше Улф Андерсон, саксофонистот на ABBA. Би требало да ја споменам и песната „Лага“ од албумот „Дукат и прибадаче“, со која имав проблеми во претходниот систем, а е многу актуелна и денес“.
Како ја гледа музичката сцена денес во Хрватска, а како е во светот?
„Гледам дека има квантитет што не поддржува квалитет. Мислам дека рокот го изгуби тоа значење што му даде димензија поголема од самата музика, доколку такво нешто воопшто постои и со текот на времето стана забава и дел од потрошувачката понуда, што се докажува со фактот дека луѓето слушаат народни песни, а веднаш потоа рок класици“.
Своевремено се зборуваше дека легендарен член на Битлси му ја украл песната.
„Пол Макартни има вкус, но искрено се уште не знам дали навистина ми ја украде песната. Не верувам, но факт е дека нашите песни се многу слични. За ова имам потврда од Друштвото на хрватските композитори, а потврдија и од Словенија дека нашите песни се поклопуваат 97 отсто. Плагијат е кога се поклопуваат четири текта, а во овој случај шеснаесет од нив се совпаѓаат. Фантастично е чувството кога знам дека можеби Битлси ја копирале мојата песна, бидејќи тие се најдоброто нешто што се случило во музиката, еден вид Моцарт на дваесеттиот век. Не го тужев Пол затоа што е скап спорт, и затоа што ќе се чувствувам лошо ако тужам еден од моите идоли – изјави Јурица. (Л.С.)