Јубилејот на „ECM Records“ во фокусот на Скопски џез-фестивал
Скопски џез-фестивал најави силна програма за 38-то издание, во чиј фокус ќе биде одбележување на 50-годишнината од германската издавачка куќа „ECM Records“. Фестивалот на 17 октомври ќе го отворат двајца познати гитаристи од САД: Дејвид Торн – еден од најимагинативни композитори и иноватори на гитарата во изминатите 40 години и Фред Фрит – иноватор, композитор и импровизатор со неговото трио.
– Ориентот и Медитеранот ќе прострујат низ музиката на Ануар Браем – волшебникот на инструментот ут, автентичниот визионер и една од најголемите ѕвезди на дискографската куќа ECM, кој со својот квартет годинава прославува 10 години од објавувањето на прославениот албум „The Astounding Eyes Of Rita”, како и низ звуците на грчкиот мајстор на лирата Сократис Синопулос. Тој ќе настапи со својот уникатен квартет во чии дела се испреплетуваат фолклорните форми, византиската и класичната музика, како и бројните облици на импровизација и џез, соопшти СЏФ.
Педесетгодишнината на ECM годинава се совпаѓа и со пет децении на еден од најзначајните и највлијателни бендови на 20 век – „Art Ensemble of Chicago“ кој ќе го одбележи јубилејот со светска турнеја што ќе заврши во Скопје. Ќе настапи и норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Јон Балке со својот оригинален проект „Batagraf“ во есклузивно издание.
На последниот фестивалски ден, 20 октомври, ќе настапи најпоетичниот пијанист на денешницата – норвешката џез-сензација Торд Густавсен со неговото трио, како и квинтетот на новата голема американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис и контрабас рециталот на француската басистка, импровизаторка и композиторка Жоел Леандре, една од најдоминантните фигури на современата европска музика.
– Програмата на фестивалот годинава опфаќа и диџеј сет на италијанскиот иновативен џез ентузијаст Никола Конте, концерти на домашните ECM вљубеници „Next To Silence“ и еклектичниот „магичен оркестар“ на Џијан Емин, филмска проекција на документарниот филм посветен на ECM „Sounds and Silence: Travels with Manfred Eicher”, промоција и презентација на книгата „Cloud Arrangers” на словенечкиот фотограф Жига Коритник, како и доделување на наградата „Златен Орикс“ за најдобар млад џез-музичар во 2019 година, соопшти Скопски џез-фестивал.