ЈСП бара нафта од Владата, но и менување на Законот за енергетика за Регулаторна да ја „смири“ цената на метанот
ЈСП Скопје уште еднаш ја повикува Владата да донесе одлука за субвенционирање на работењето на претпријатието со оглед на зголемените цени на енергенсите во државата.
– Оваа криза бара вклучување на сите чинители во нејзино разрешување. Со оглед на тоа што е прогласена кризна состојба поради состојбата во енергетиката на располагање се многу механизми како може да се помогне на ЈСП, oдносно на граѓаните. Врз основа на член 9-а став 6 од Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, Владата може да донесе одлука за отстапување на нафтени деривати без надомест на Град Скопје, а за потребите на ЈСП Скопје, како што било случај во 2020 година, кога гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС било отстапено за потребите на ЈСП Скопје – бараат од претпријатието.
Врз основа на досегашната практика за намалување на ценовниот шок, ова може да се примени и во случајов кога имаме драстично покачување не само на цената на електричната енергија, туку и на цените на метанот.
– Побаравме вчера и да се иницираат промени во Законот за енергетика за да може на Регулаторна комисија да и се даде можност за одредено регулирање на цената на метанот во кризни ситуации. Во делот на метанот во моментов на пазарот нема конкурентност и поради тоа кога има големи флуктации на цените на светски берзи голем број претпријатија имаат проблеми да обезбедат рентабилност во работењето – стои во соопштението.
РКЕ: Барањето на ЈСП е легитимно, но спротивно на закон
Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска преку соопштение појасни дека барањето на директорот на ЈСП упатено до нив да се замрзне цената на ЦНГ (метан) е легитимно, но беспредметно и спротивно на закон, затоа што станува збор за пазарна дејност, која не е во надлежност на РКЕ.
Од РКЕ појаснуваат дека согласно Законот за енергетика, одобрен од Енергетската заедница, Регулаторната комисија за енергетика не смее да издава лиценци за трговија со ЦНГ со оглед на фактот дека пазарот на природен гас во земјава е целосно либерализиран од 1 јануари 2015 година.
Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, Регулаторната комисија за енергетика единствено ги утврдува тарифите за пренос и дистрибуција на природен гас, а не издава лиценци за трговија со ЦНГ, затоа што пазарот на природен гас е либерализиран веќе седум години. Одлука за замрзнување на цени, како што вели Бислимоски, носи Владата.
– Природниот гас кој се транспортира во посебни боци, при што истиот е во компримирана состојба, ЦНГ или често викан „метан“ може слободно да се тргува без лиценца. Набавката и продажбата на компримираниот природен гас може да го врши секое правно и физичко лице за свои потреби. Цената на овој енергенс не е регулирана и истата слободно се формира од страна на трговците со ЦНГ, се наведува во соопштението од РКЕ.
Вчера, в.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Иван Илиевски побара од РКЕ да ја замрзне цената од декември и побара од централната власт да субвенционира дел од разликата во цената.
– Во овој момент барам помош и субвенција од Владата и исто така регулирање на цената на метанот за македонскиот пазар. Регулаторна комисија да се вклучи, да донесе некоја одлука за замрзнување на цените заклучно со цената на метанот на 31.12.2021 година, изјави вчера Илиевски.