Јован Деспотовски: Поединци му нанесуваат срам на СДСМ


Фото: Б. Грданоски

 

Поранешниот кандидат за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, уште еднаш ги отфрли наводите од неговата партија дека затскриено соработувал со ВМРО-ДПМНЕ и рече дека некои поединци во ракводството се срам за СДСМ.

Во интервју за ТВ Сител, Деспотовски демантира дека имал каква било соработка со владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тој повика повика СДСМ јавно да ги презентира сите докази за неговата наводна соработка со ВМРО-ДПМНЕ за поткопување на партијата, а во спротивно најави дека ќе иницира правна постапка.

„Ќе ги повикам тие докази да ги објават јавно, да видиме кои се тие фамозни разговори, средби, договарања со кои ВМРО-ДПМНЕ преку Јован Деспотовски ќе ја разнебитува СДСМ. Би почекал да видам кои се тие аргументи и докази за мене и мојата соработка со нашиот политички опонент и секако нема да го оставам тоа така. Нема да дозволам овој срам да ѝ се случува на мојата матична партија. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ има многу поголем капацитет и многу подобро знае дека Јован Деспотовски не е човекот со којшто може да го разнебитува СДСМ“, изјави Деспотовски.

На прашањето дали повикот за негово исклучување од партијата го гледа како напад од СДСМ или од лидерот Венко Филипче, Околу барањето за негово исклучување од партијата Деспотовски вели дека тоа бил атак од поединци кои во моментов управуваат со партијата.

„Мојата матична партија не се однесува вака, ова што сега му се случува на СДСМ се поединци кои во моментов раководат со партијата се кријат зад големото име на СДСМ и му нанесуваат штета и срам со сето ова што се случува. Моите сопартијци, другари кои ми се јавија во огромен број изминативе денови за да изразат поддршка, кај повеќето од нив првиот збор беше ‘срам’“, додаде Деспотовски.