Јоханес Хан поднесе оставка од позицијата специјален пратеник на ЕК за Кипар поради други обврски


Атина – Поранешниот европски комесар Јоханес Хан, кој во мај минатата година беше именуван за специјален пратеник на Европската Комисија за Кипар, си поднесе оставка од позицијата „поради други обврски“, објавија кипарските медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, Хан, писмото со оставката го доставил и до претседателката на ЕК и до генералниот секретар на ОН, а портпаролот на Владата на Кипар Константинос Летибиотис за кипарската новинска агенција ЦНА изјавил дека Комисијата „веќе ги презема неопходните чекори со цел одредување нов специјален пратеник за кипарското прашање“.

Летибиотис објаснил дека оставката на Хан е по неговото назначување за претседател на Централната банка на Австрија, дека преку писмо го информирал кипарскиот претседател за неговата намера, при што изразил жалење за одлуката, нагласувајќи ја важноста на решавањето на кипарското прашање, како за подобрување на секојдневието на Кипраните, така и за ефективна примена на политиките на Европската Унија, како и за обезбедување стабилност и безбедност во Источниот Медитеран.

Според Летибиотис, прашањето било разгледано и на минатонеделната средба на претседателот на Кипар со претседателката на Европската комисија во Брисел.

На средината на мај минатата година ЕК го именуваше поранешниот европски комесар за регионална политика, за проширување и за буџет и администрација Јоханес Хан за свој специјален пратеник за Кипар, со мандат што ќе придонесува во процесот за решавање на кипарското прашање во рамки на Обединетите нации во тесна соработка со личната пратеничка на генералниот секретар на ОН за Кипар, Марија Анхела Олгин Куељар