ЈКП „Брегалница“ Делчево е башибозук претпријатие, констатираат ревизорите

ЈКП „Брегалница“ Делчево континуирано се соочува со големи загуби во водоснабдувањето. Ревизијата укажува дека помалку од половина од испорачаната вода е фактурирана на граѓаните, додека остатокот се губи поради технички дефекти, нелегални приклучоци и нефактурирана комунална потрошувачка. Овие загуби сериозно влијаат на приходите на јавното претпријатие и на даноците (ДДВ и данок на добивка) кои се приход на државниот буџет, се наведува во конечниот ревизорски извештај што денеска го објави Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на јавното претпријатие и поради нивното значење, стои во ревизорскиот извештај, изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.
– Водоводната и канализациона мрежа со сегашна вредност од 32.906 илјади денари која потекнува од минати години не е запишана во катастарот на инфраструктурни објекти и не се евидентирани зголемувања на истата по основ на реконструкција и изградба на нови линии, финансирани од страна на Општина Делчево во износ од 13.553 илјади денари. Од вкупните побарувања по основ на продажба на вода и услуги, 21.146 илјади денари (46%) се со старост од една до пет години и истите се настанати во период од 2018 до 2022 година, а побарувањата кои се настанати во период подолг од 6 до 20 години се проценети во износ од 22.468 илјади денари (48%), што укажува на ненавремено преземање на мерки за нивна наплата, се појаснува во ревизијата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавното претпријатие за комунални дејности „Брегалница“ Делчево, за 2023 година.
Од вкупните залихи на суровини и материјали кои изнесуваат 3.206 илјади денари, 1.438 илјади денари или 45% се набавени пред 2022 година и во последните три години нема промени во нивната состојба, за што постои можност истите да се технолошко застарени.
За одредени суровини и материјали кои јавното претпријатие ги има на залиха, почнувајќи од 2021 година во континуитет се вршат набавки во вредност од 711 илјади денари, иако, се подвлекува во извештајот, истите до денот на ревизијата не се издадени. Имајќи во предвид дека за овие залихи е изминат период од неколку години, на крајот на пресметковниот период, не е утврдена нивната нето реализациона вредност.
Погоре наведените состојби, констатирале ревизорите, упатуваат на не соодветно постапување и користење на јавните средства а во исто време со извршениот теренскиот увид во магацините утврдено е несоодветно чување на залихите на суровини, материјали, резервни делови и ситен инвентар.
Поради нецелосното исполнување на обврските од страна на основачот – Општина Делчево, основната главнина на ЈКП „Брегалница“ Делчево не е запишана во единствениот трговски регистар и регистар на други правни лица при Централниот регистар.
Јавното претпријатие нема донесено сметководствени политики кои се применуваат во изготвувањето, презентирањето и обелоденувањето на финансиските извештаи, а пописот на средствата и обврските за 2023 година не е целосен и не е извршено усогласување на сметководствената со фактичката состојба утврдена со пописот.
Пресметката и исплатата на плата и надоместоци на плата во јавното претпријатие се врши според Колективен договор, кој не е усогласен со важечката законска регулатива и Општиот колективен договор за јавниот сектор.
Во ревизорскиот извештај се посочува дека платите на административни службеници не се во согласност со законските одредби во делот на основната и исклучителната компонента на плата, не е утврдена минимална плата, не е усогласен бројот на бодови за степен на образование, ниту се утврдени додатоците кои ја сочинуваат исклучителната компонента на плата.
Пресметката на платите се врши според Одлука за утврдување на висината на најниска нето плата што претставува коефициент на сложеност, донесена од страна на УО за која не е обезбедена согласност од основачот што е спротивно меѓу другото и на одредбите од Законот за јавните претпријатија.
Во текот на 2023 година, издадени се материјали и потрошено е гориво во износ од 3.968 илјади денари без соодветна поткрепувачка документација (работни налози, градежен дневник и градежна книга, патни налози за користење на моторно возило).
– По основ на надомест за користење вода и надомест за испуштање води, јавното претпријатие на 31.12.2023 година има искажано обврски во износ од 3.858 илјади денари кои не се уплатени во Буџетот на Република Северна Македонија, а одведувањето на отпадните води го врши без дозвола (водно право) за испуштање на води за системите со кои располага. ЈКП „Брегалница“ Делчево во текот на 2023 година по основ на надоместок за одржување на јавна чистота наплатило 1.590 илјади денари, а по основ на надомест за одржување на јавното градско зеленило 1.409 илјади денари, но не извршило уплата на средствата на сметката на буџетот на општината, што има за ефект помалку остварени приходи во Буџетот на Општина Делчево, стои во објавениот ревизорски извештај.
На територијата на општината, ЈКП „Брегалница“ Делчево ја врши дејноста за отстранување на отпадоци и смет, обработка и депонирање на комунален и цврст отпад и депонирање на индустриски отпад, за што наплаќа надоместок од крајните корисници по цени од 2009 година, според Одлуката за утврдување на висина на цените за комунални услуги. Нереално утврдената висина на надоместокот, се додава, не ги покрива трошоците на јавното претпријатие направени за обезбедување на услугата кои треба да се засновани пред сè на: оперативни трошоци, трошоци за одржување и трошоци за капитални инвестиции, ниту ја вклучува секоја услуга и активност која се реализира во постапувањето со отпад, со цел да може да се обезбеди поврат на трошоците како и почитување на принципот “загадувачот плаќа”.
Во 2023 година, количините на произведената/испорачана вода се 1.309.402 м3 вода за пиење, а количината на приходувана вода за пиење е 505.722 м3 вода, што претставува 38,63% од вкупно произведената и укажува на висок процент на загуба од 61,37%. Регистрираните загуби на вода во водоснабдителниот систем, велат ревизорите, генерално се технички, комерцијални и загуби предизвикани од комунална потрошувачка.
– Непреземањето мерки за минимизирање и отстранување на причините за техничките и комерцијалните загуби на вода преку активности за реална и објективна потрошувачка на вода за пиење, предизвикува нереална и необјективна состојба во процесот на фактурирање на испорачаната количина на вода за пиење и има за ефект помалку остварени приходи на претпријатието, помалку пресметан ДДВ и помалку пресметан надоместок за вода кои претставуваат приходи на Буџетот на државата, посочуваат од ДЗР.
Од ДЗР истакнуваат дека надлежните лица на ЈКП „Брегалница“ Делчево треба да преземат мерки и активности за анализа на состојбата, донесување и реализација на планови за минимизирање и отстранување на причините кои придонесуваат за загуба на водата во водоснабдителниот систем.
За надминување на утврдените состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од страна на надлежните институции и одговорни лица.