Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба ги демантира медиумите дека ќе поднесе оставка

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба ги негираше извештаите во јапонските медиуми дека има намера да поднесе оставка.
Ишиба денеска се сретна со поранешните премиери Таро Асо, Јошихиде Суга и Фумио Кишида.
Тој рече дека не се зборува за оставка, туку за „силно чувство на криза“ по изборите за Горниот дом минатата недела, на кои владејачката коалиција претрпе пораз.
Претходно денеска, весникот „Маиничи“ објави дека премиерот Ишиба планира да ја објави својата оставка до крајот на август.
Весникот „Јомиури“ објави дека Ишиба синоќа им кажал на своите блиски соработници дека ќе објасни како ќе ја преземе одговорноста за лошиот резултат од изборите штом ќе се постигне трговски договор со Соединетите Американски Држави.
Ишиба, според јапонските медиуми, рекол дека создавањето политички вакуум мора да се избегне.
-Ќе останам на мојата позиција и ќе направам сè што е во моја моќ за да го отворам патот за решавање на овие предизвици, рече јапонскиот премиер.