Јанушев сега тврди дека не постои подарено земјиште, туку погрешно внесени податоци


Ве пуштав да се излизгате… прво да изнесе лаги еден сдсовски сателит и советник на криминалното СЈО, во исто време шарен револуционер и познат лажен патриот, па потоа да се надоврзе една пара партиска структура и на крај да излезе изворот на таквите дезинформации, партијата која ја води неврохирургот на Заеви или како што во СДС го викаат малиот на Зоки, Венко Филипче, вака генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев го почна својот Фејсбук статус кој е реакција на обвинувањата на СДСМ за подарениот имот во вид на градежно земјиште во вредност од 325 илјади евра.

Јанушев е дециден дека не постои подарено земјиште, туку погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од негова страна.

-Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото и доколку било што беше проблематично владата на СДС&ДУИ имаше и повеќе од доволно време да постапува, истакнува меѓу другото генсекот на Владата.

Јанушев тврди во СДСМ се исплашени бидејќи „работејќи од 12 до 16 часа на ден како генсек на Владата, дошол до фрапантни сознанија“.

-Ајде тоа што затекнавме празни канцеларии, без столчиња и услови за работа, туку ќе треба да одговарате и за милионите евра фрлени за софтвери кои не функционираат, за картички кои не работат, за машини за штампање на пластика и документи кои невообичаено се во посед на ГС, за набавка на клима уреди кои се несоодветни за тоа што е потребно, но важно критериумот набавувачот да е од Струмица е задоволен и ред други работи. Паразити кои ја оставија Владата со затворен главен влез затоа што 2 години не ги сервисирале скенерите и полесно им било да го затворат влезот, стои во долгиот ФБ-статус на Јанушев.

СДСМ денеска соопшти дека скандалот со подарокот добива нови димензии – фамозниот имот кој му бил поклонет на Јанушев е во зграда во најстрогиот дел од центарот на Скопје, каде што покрај него, имот има и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. 

-Скандалот со подарокот од 325.000 евра за герералниот секретар на Владата, Игор Јанушев добива нови димензии. Денес објавуваме нови информации и детали со документи кои треба да ги истражат надлежните институции, Јавното обвинителство и Државната комисија за спречување корупција. Погледнете ја оваа фотографија. Фамозниот имот кој бил поклонет на Јанушев, вреден 325.000 евра е составен дел оваа зграда, во најстрогиот дел од Центарот на Скопје. Она што е особено интересно е дека имот во оваа зграда, покрај Јанушев, има и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Еве го неговиот имотен лист. Тошковски во зградата која е дел од шемата за поклонетиот имот на Јанушев има имот од над 200 квадрати, стан од 146 метри кавдратни и деловни простории од 46 метри квадратни. Вкупната пазарна вредност на овој имот е над 400.000 евра. Овој случај ужасно потсетува на една друга зграда, каде порано имаа станови неколку високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои беа стекнати на многу сомнителен начин. Понатаму ги прашуваме Тошковски и ДКСК, пријавен ли е овој имот во анкетниот лист? Зошто неговиот анкетен лист не е достапен за јавноста? Клучно и најважно прашање: како се поврзани подарокот на Јанушев од 325.000 евра и имотот на министерот Тошковски? Каков заеднички бизнис имале овие двајца? Дали преку шема на давање подароци овие двајца прикриваат некаква бизнис зделка која јавноста не треба да ја знае? Имаат ли скриени бизниси кои на крај завршуваат со подароци во имоти вредни над 300 илјади евра? Јавноста знае дека Јанушев е веќе осуден криминалец во случајнот со 5 милиони евра за кинеските автубуси за ЈСП. Јавноста очекува одговори. Јанушев се криеше пет дена пред да каже за поклонот, ова може да е јасен сигнал дека се обидува да прикрие нешто во овој случај, рече денес портпаролката Кузеска. 

Тошковски ги отфрли овие тврдења: 

– Во однос на обвинувањата изнесени од Богданка Кузеска од СДСМ, сакам јавно да ги демантирам и да ја информирам јавноста дека уште на 04.7.2024 година, во законски утврдениот рок, до Државната комисија за спречување на корупцијата доставив изјава за имотна состојба. Сите податоци за мојот имот се јавно достапни на следниот линк: https://registar.dksk.mk/appointed-person/22221, напиша министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на неговиот Фејсбук профил. Тој нагласи дека одговорно тврди дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседува ништо друго.

Јанушев вчера изјави дека станува збор за подарок од родителите. ДКСК ќе ги „чешла“ податоците од анкетниот лист и во следниот период ќе ги обезбедуваат податоците за потвдување на вистинитоста.