Јанушев добил на подарок земјиште од 325.000 евра
Во новиот анкетен лист на Игор Јанушев како генерален секретар на Владата, доставен до Државната комисија за спречување на корупција, е внесено дека поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ добил градежно земјиште на подарок во вредност од околу 325.000 евра.
Поранешниот директор на ЈСП подарокот го добил во текот на минатата година. Станува збор за 165 метри квадратни во Центар. Една целина во проценета вредност од 20.000.000 денари со намена за изградба на станбено-деловни згради.
Јанушев на крајот од минатата година купил возило lexus во вредност од 15.000 евра со датум на производство во 2013 година. Владиниот секретар пријавил и една трансакциска сметка и две кредитни картички.
Во септември минатата година беше неправосилно осуден на две години затвор условно за пропусти при набавката на кинеските автобуси во случајот на поранешното СЈО познат како „Дизајн“. Јанушев беше директор на ЈСП во 2010 година кога беше направена набавката на двокатните автобуси.Сепак, пресудата немаше никакво значење, бидејќи еден ден претходно Собранието го избриша ставот 5 од членот 353 од Кривичниот законик според кој беше осуден Јанушев.