Јаневска задоволна од бурните реакции за новата концепција за гимназиско образование
По бројните отворени писма, повици и укажувања на стручната фела од областа на филозофијата, етиката и логиката што беа пратени до адреса на Министерството за образование по најавата предметите филозофија, етика и логика да бидат изборни предмети, министерката Весна Јаневска е задоволна од бурните реакиции.
„Јас сум многу задоволна што новата Кoнцепција предизвика такви бурни дискусии разговори, предлози. Секако дека може да се продолжи и многу сериозно ги сфаќаме сите изјави дадени од сите факултети, иако главно станува збор за Филозофскиот факултет. Ова е нацрт-концепција и дека може да претрпи промени“, рече Јаневска денеска, пред отворањето на ЕДИХ – првиот европски дигитален иновациски хаб во Северна Македонија.
Јаневска потенцираше дека досега се консултирале по дигитален пат, а ќе продолжат на терен, да ги сослушаат сите мислења.
„За разлика од дел од стручната јавност, добиваме силна поддршка од младите“, вели Јаневска.
Но, ако внимателно се следат реакциите, поддршка за оваа концепција МОН добива само од Сојузот на средношколци, односно тоа е проектирано во изјавите на нивниот претседател Берин Мухамед, кој смета дека позитивно е тоа што смеровите, односно насоките, како на пример општествено-хуманистичко подрачје и природно-математичко подрачје повеќе нема да постојат, односно ќе постојат предмети кои учениците ќе ги бираат и така ќе се креира насока од предметите што ги избрале учениците. Нему тоа му личи на американски концепт.
На слично мислење е и претседателката на Организација за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС) Анисија Угриновска која вели дека има примери од странски земји, особено земји-членки на ЕУ, каде учениците имаат можност да си ги изберат предметите кои што ги учат, а не конкретно да изберат една област. Но, тоа е сосема друг концепт.
Сите други, како Институтот за филозофија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Здружението на социолози, заедно со Институтот по социлогија, поединечни професори, или пак заедно со едно отворено писмо потпишано од педесетина стучни лица на темата, укажуваат на штетноста од укинувањето или малкуте часови предвидени за изучување на филозофијата, логиката и етиката во средното гимназиско образование.
Тие сметаат дека тоа се дисциплини чија фундаментално цел е развивањето на холистичкиот пристап кон светот, критичкото мислење и етичките вредности во личното и колективното дејствување, тие го сочинуваат јадрото на гимназиското образование, кое треба да овозможи целосен равој на личноста на ученикот, во интелектуална, морална, социјална, емоционална и физичка смисла.
Тие предлагаат да се врати предметот филозофија како задолжителен во четврта година, како што е во сегашниот наставен план, а како задолжителен да биде предметот етика во трета година, додека за предметот логика да се овозможи да биде изборен во категоријата Изборни предмети за почетно изучување.