Јаневска: Во 100 училишта учат по помалку од 5 деца
Ниту еден наставник нема да биде отпуштен од работа при оптимизирањето на училишната мрежа. Во законите предвидовме опции за оние наставници кои останале без ученици, со нивна согласност да бидат ангажирани како образовни асистенти во период од една година. Ништо не се прави насилно, исклучиво транспарентно, со согласност на наставниот кадар и во соработка со општините, УНИЦЕФ и Светска банка.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието во врска со оптимизацијата на училишната мрежа, процес кој како што рече, било неопходно да се спроведе одамна, но Владата на СДСМ немаше храброст тоа да го направи.
„Две третини од сите училишни објекти во Македонија се подрачни училишта, но во нив учат само 12% од вкупниот број ученици. Во околу 100 училишни објекти учат помалку од 5 деца. Нив мора да ги интегрираме во поголемите училишта, заради поголема социјализација и едукација во подобри услови. Нивните најдобри интереси се примарната причина за оптимизирањето на училишната мрежа. Второстепено е дека општините ќе заштедат средства кои потоа можат да ги вложуваат во инфраструктура“, рече Јаневска.
Сподели и податоци дека во последните 20 години бројот на ученици се намалил за 28%, додека бројот на наставници се зголемил за 46%. Како резултат на тоа, националниот просек се намали од 18 ученици по наставник на 11,4 ученици по наставник, во споредба со просекот на ОЕЦД од 15 ученици по наставник.