Јаневска: Ниту филозофија, ниту логика се исклучени од концептот за реформи на гимназиското образование


Фото: Б. Грданоски

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во изјава за медиумите рече дека не е точно оти предметите филозофија и логика се исклучени од концептот за реформа во гимназиското образование откако дел од гимназиските професори по овие предмети преку отворено писмо оценија дека е самоубиствено да се предлага концепција за гимназиско образование без филозофија, логика и етика. 

– Не е точно, ниту филозофија, ниту логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт верзија поставена на јавна расправа. Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен заклучок. Пред два дена бев на Филозофски факултет, имав средба со професорите од Филозофскиот факултет, разговаравме многу конструктивно. Очекувам и нивна поддршка, затоа што ги сослушавме и ќе постапуваме по заеднички препораки, но првенствено во корист на учениците, изјави Јаневска. 

Во однос на предметот Сексуално образование, министерката посочи оти овој предмет останува како слободен изборен предмет во деветто одделение и продолжува во средното образование.

Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието информираа дека е изработена Нацрт-Концепција за реформи во гимназиското образование и ги повикаа сите наставници, ученици, родители, експерти и заинтересирани страни со мислења, предлози и забелешки да се вклучат во јавната дискусија за усвојување на најдобрата верзија. Целта, како што посочија, е да обезбеди современ, инклузивен и конкурентен образовен систем, а коментари може да се испраќаат на веб страницата на Бирото за образование најдоцна до 31 јануари.