„Јаху“ отпушта 20 отсто од вработените


„Јаху“ (Yahoo!) ќе укине повеќе од 20 отсто од својата работна сила до крајот на 2023 година, елиминирајќи 1.000 работни места само оваа недела, се вели во соопштението на компанијата во четвртокот.

Компанијата за приватен капитал „Аполо глобал менаџмент“ купи 90 отсто од „Јаху“ од „Верајзон“ (Verizon) во септември 2021 година. Компанијата имаше околу 10.000 вработени во тоа време, според Пичбук (PitchBook).

Аксиос објави дека повеќе од 1.600 работници ќе ги загубат своите работни места во најновите кратења, што укажува на тоа дека сегашниот број на вработени на компанијата е поблиску до 8.000 вработени.

Отпуштањата се дел од пошироките напори на компанијата да ги насочи операциите во рекламната единица на „Јаху“. Стратегијата на сегментот Yahoo for Business „се бореше да ги исполни нашите високи стандарди“, според портпаролот на „Јаху“ .

„Со оглед на новиот фокус на новата група за рекламирање на „Јаху“, ќе ја намалиме работната сила на поранешниот оддел на „Јаху“ за бизнис за речиси 50 отсто до крајот на 2023 година“, изјави портпаролот на „Јаху“ за „Си-Ен-Би-Си“.

„Јаху“ соопшти дека компанијата ќе ги пренасочи напорите кон своето 30-годишно партнерство со „Табула“ (Taboola), компанија за дигитално рекламирање, за да се грижи за рекламните услуги.