Ја попречи ли Апелацискиот суд правдата?

Ќе седнат ли на обвинителна клупа тие што ја попречуваат правдата? Ако тоа не се случи не треба никој повеќе да не` блокира однадвор. Ова ќе биде најсилната блокада на идентитетот на државата


Секогаш кога ќе потсетевме, за никогаш да не се заборави, на најголемото зло во поновата историја на независна Македонија, најжестоките критики ни беа упатени во стилот – аман бе уште ли ќе ја замајувате јавноста со таа афера за прислушувањето. Дури и добронамерните укажувања одеа во насока – било па поминало, осудени се луѓето, гледајте сега што се случува, какви се` не криминали и злоупотреби на власта ја тресат државата. Одговорот стаса деновиве. Е, па, било, ама не поминало. На добар пат сме да се докаже дека ништо не се случило.

Кога нешто застарува во судските маратонски повеќегодишни постапки е исто како и да не се случило. Или уште полошо, се случило ама поради „повреди на одредбите од законот“ судењата можат да потрајат до денот кога стануваат беспредметни. Или кажано на разбирлив јазик, прислушување на 20.000 граѓани цели седум години и држење под надзор на илјадници луѓе неспорно имало. И виновници за тоа неспорно имало. И пресуди со повеќегодишни затворски казни имало. За на крај многу изгледно поради смртен случај на тешко болната правда, да бидат живи, здрави, слободни и богати како кнезови погрешно судените главни виновници кои ја испланирале и спровеле оваа монструозна акција на држење под надзор со години на илјадници јавни личности. 

Одлуката на Апелацискиот суд во Скопје од 16.12.2022 година, обрнете внимание на датумите, би можела да биде и празник на демократијата и на владеење на правото ако имаше навремено, јасно и валидно во детали јавно објавено образложение, а не конфузен декрет напишан како телеграма до јавноста дека се укинува пресудата за случајот со најмасовно и најдолготрајно мирновременско откриено и докажано прислушкување во светот.

Предметот се враќа назад кај скопскиот Кривичен суд затоа што се „направени суштествени повреди од одредбите на Законот за кривична постапка, кои се од апсолутен карактер, на кои овој суд внимава по службена должност, со што е доведена во прашање фактичката состојба и правилната примена на кривичниот законик“. И толку, ни збор повеќе. За по два дена под силен притисок на јавноста да уследи уште поконфузно и сосема нерационално објаснување дека пресудата на Кривичниот суд е неразбирлива, клучен аргумент за укинување на пресудата и враќање назад во дообјаснувањето на Советот на Апелацискиот суд дека постои неусогласеност меѓу изречената пресуда и она што е наведено во нејзиниот писмено изготвен примерок, односно изворникот на пресудата нема опис на противправните дејствија за секој од обвинетите. 

Датумите на одлуки фрлаат големи сомнежи

Подетално образложение кои суштински повреди се направени ќе биде испратено најверојатно до Кривичниот суд и до јавноста ако за тоа Апелацискиот суд има обврска, што исто така во дополнителното дообјаснување се толкува дека Апелацискиот суд немал законска можност неправосилната одлука јавно да ја објавува. Ете со ова дополнително вадење пред јавноста, целиот случај добива димензија на некаква спорна пресуда од кафеанска тепачка, а не најтешкиот удар врз демократијата и стравотно повеќегодишно следење на комуникациите на илјадници граѓани и јавни личности. Случај кој предизвика тешки негативни последици не само по угледот на државата, туку врз целиот општествено-политички систем. 

Целата јавност, вклучувајќи ја и стручната, правните експерти и политичките партии и владата и премиерот и претседателот на државата ќе ја искажуваат својата загриженост, разочарување и шокираност од донесената одлука на судиите од Апелацискиот суд, што во некои нормални околности би се сметало за притисок врз судиите од повисокиот надлежен суд. Но, двете  образложенија на Советот на Апелацискиот суд објавени во јавноста уште повеќе ја зголемуваат недовербата во правосудниот систем, затоа што се поконфузни и понеразбирливи од образложенијата на пресудите.

Датумите на судските одлуки кажуваат многу нешта кои фрлаат големи сомнежи за исправноста на одлуката на Апелацискиот суд. Судењето на обвинетите за предметот „Таргет-Тврдина“ за незаконското прислушкување започна на 22.12.2017 година. По цели три години судски постапки, почитувајќи ги сите судски протоколи на кои има право одбраната и под надзор на експерти, на 26 февруари 2021 година Кривичниот суд за масовното повеќегодишно прислушкување и за уништување на опремата од УБК изрече затворски казни од 55 години и 10 години условни казни за 11 лица вклучувајќи го и поранешниот директор на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, на кого му беше изречена казна затвор од 12 години за „злосторничко здружување“, злоупотреба на службената положба и овластување и примање награда за противзаконско влијание.

Во образложението на правосилната пресуда беше истакнато дека кривичните дела биле извршени од структуирана група без чие заедничко дејствување не би можело да се изведе кривичното дело.

Погледнете ја временската драма од првиот чин на злосторничкото здружение. Значи сложениот судски процес трае повеќе од три години, од декември 2017 до февруари 2021 година. А, на Апелацискиот суд му требаа речиси две години да открие дека се направени суштествени повреди од одредбите за кривична постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност да открива дека е доведена во прашање фактичката состојба и правилната примена на кривичниот законик. И сега се разбира, повторното судење може да потрае уште две години и во почетокот на 2025 година да застари.

Јавните реакции многу кажуваат

Сега клучното прашање е кој ја попречува правдата: Кривичниот суд или Апелацискиот суд, или пак некој над нив. Ако се земат предвид првите јавни реакции кои се индикативни, во јавноста е веќе постигната целосна конфузија на и онака изгубената доверба во правосудниот систем од најниските до највисоките судски инстанци.

Владата, премиерот и претседателот на државата се шокирани и разочарани, а најголемата опозициска партија приопштува дека проблемот е во владата и во судството, без да одреди дали затоа што се осудени невини луѓе; некогашни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, или дека станува збор за притисок на власта да бидат ослободени виновниците, што е надвор од здравиот разум. Досега во сите јавни изјави на врвот на ВМРО-ДПМНЕ беше дека целото прислушуување било монтирано, сечено и лепено и дека станува збор за нарачани политички судски процеси. По ваквото враќање на повторно судење на најголемиот скандал и  злоупотреба на власта со заробување на државата во врвот на ВМРО ДПМНЕ преовладала оценката дека најдобро е да не ја покажат радоста и да ја насочат вината во владата и во судството.

Во суштина нивната оценка е ништо да не кажат.

Тоа е најпрактично од причина што може да им се вратат „невино осудените“ па секое изјаснување може да ги поремети амбициите на премиерот кој веќе се гледа на таа позиција. Деновиве се очекува ламентацијата на Никола Груевски да потврди колку бил во право за монтираните судски процеси од незаконското прислушкување.

Суштината на планетарниот срам

Македонија во наредните денови и месеци, веројатно и години, повторно ќе троши огромна енергија да открие кој ја попречува правдата за најголемото злодело на демократијата. Ќе седнат ли на обвинителна клупа тие што ја попречуваат правдата, или пак такво нешто нема во кривичниот законик. Ако тоа не се случи, не треба никој повеќе да не` блокира однадвор. Во Бугарија можат да бидат спокојни и да не се бламираат веќе со вета. Ова што ние самите си го правиме ќе биде најсилната блокада на идентитетот на државата и се` што оди заедно со тоа.

Тенденцијата на враќање на предметите кои ја обезличија Македонија не се ништо ново. Истото се случи кога Апелацискиот суд ги прифати жалбите на обвинетите и ја укина првостепената пресуда и за случајот „Трезор“ и го врати предметот пред Кривичниот суд на повторно постапување.

И во овој случај повисокиот суд констатирал дека првостепениот суд направил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривична постапка со што се доведува во прашање фактичката состојба и правилната примена на кривичниот законик. Предметот „Трезор“ се однесува за начинот на набавка на опрема за следење на комуникациите. По три години судење по овој предмет, судот, исто така, донесе пресуди со повеќегодишни затворски казни кои веќе не важат. Целата суштина на овој планетарен срам е во фактот што поддршката на неправдата создаде јавен погубен амбиент кој оневозможува јасно да се видат работите, дури и на тоа што злото станува сосема можно.

Вината за тоа е во политиката, а тоа јасно се гледа од постапките и однесувањето кон јавноста која е контаминирана со кусо паметење на злоделата извршени најмногу кон неа. Додека не се прифати колкава е димензијата на 11-годишниот режим и колку се опасни и штетни тие инсталации на „груевизмот“ кои уште се живи и здрави и работат со полна пареа, Македонија не може да мрдне ни чекор напред. Блокадите и хаосот се нивната храна на одржување. Нормалноста на демократските процеси и европеизацијата на Македонија ги прави излишни и целосно  непотребни.

Можно ли е да биде поразена правдата и во овие еклатантни  случаи на тешки злоупотреби? Да, тоа е сосема можно додека сеќавањето трае колку кај рибите. Три секунди. 

(Линк до колумната во Дојче веле овде)