Извршени испитувања на мостот кај Башино село за можноста за негово времено повторно пуштање во сообраќај
Градежни стручњаци – професори од скопскиот Градежен факултет при УКИМ, денеска извршија испитувања на носечките греди на мостот на реката Вардар кај Башино Село, со цел викендов да ја донесат конечната одлука дали ќе дадат „зелено светло“ овој значаен мост за велешани и индустријата, од идната недела повторно да се пушти во сообраќај.
Стручњаците планираат да се воведе времен сообраќај на мостот и да биде ограничен со граничници за да се одвива во средината на мостот, бидејќи според нивна оценка, средните столбови на мостот се најмалку оштетени. Сообраќајот при тоа би се регулирал со семафор од едната и другата страна, при што брзината на движење на сите возила да се ограничи на 30 километри на час. Воедно, под мостот ќе се постави и постојан мониторинг систем кој ќе ги следи сите поминувања по мостот, во текот на 24 часа, за што е набавена современа опрема од Словенија.
Во денешните испитувања на градежните стручњаци заради безбедносни причини, им помогна екипа на пожарникари од ТППЕ Велес.
Во меѓувреме, се чека Јавното претпријатие за државни патишта да избере фирма изведувач на градежните работи за реконструкција на мостот, која првично се проценува дека ќе чини 320 илјади евра.
Градежните стручњаци сметаат дека со ваквото времено решение за повторно пуштање на мостот во сообраќај, во исто време ќе може да се врши реконструкцијата на мостот. На овој начин, сметаат, ќе се растерети обемот ба сообраќајот низ градот кој се зголеми по затворањето на овој мост од 4 јануари, годинава.
Мостот на Вардар кај Башино Село е изграден во 1971 година од тогашната ЈНА, како времен мост. Тој е артеријата на Велес, а освен за патнички возилата по него поминуваа и тешки камиони за Велес и реонот на Азот, односно населените места во Општина Чашка. Велешани со години наназад бараат градот да добие обиколница со која ќе се растерети сообраќајот по овој мост.
Инаку, по неговото затворање, тешките товарни возила низ Велес со одлука на Советот на Општината поминуваат само ноќе од 22 часот до 6 часот наутро. Воедно, сообраќајниот метеж низ градот постојано го регулираат повеќе сообраќајни екипи од СВР Велес, како и нивни колеги од полициските станици од Неготино, Кавадарци и од други градови.