Извршени 116 надзори, привремена забрана за десет угостителски објекти, 15 не исполнувале услови


Надлежните институции изминатите денови извршиле вкупно 116 вонредни надзори врз основа на законот за угостителска дејност, при што дел од контролираните објекти добиле решенија за приврмена забрана, на едел им се одземени лиценците за работа, а на дел им се издадени прекршочни налози. Ова денес на прес конференција го соопшти владината портпаролка, Марија Митева која информираше за спроведените активности од страна на инспекциските служби.

Така, како што посочи, решенија за привремена забрана се изречени за 10 правни субјекти.

„Кај сите е различен прекршокот, некаде забраната е 10, 20 или 30 дена забрана за работа. Утврдено е дека 15 правни субјекти од вкупно 23 кои имаат активна лиценца, не исполнуваат услови. Изречени се решенија за забрана, и предлог за одземање на лиценца“, рече Митева.

Таа додаде дека кај шест правни субјекти кои немале лиценца, а било утврдено дека функционирале, инспекторите издале решенија за забрана за дејност.

Биле издадени и 59 прекршочни налози во износ од 522.690 денари.

Таа најави дека и во наредниот период, МВР и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе продолжат со инспекции, со посебен акцент на објектите кои организираат настани и прослави. Целта е да се утврдат техничките услови за безбедност, правилната категоризација на ресторани и други угостителски објекти, како и почитувањето на законските одредби од Законот за угостителска дејност.

„Сите инспекции имаат за цел да го подобрат квалитетот на услугите и да обезбедат безбедни услови за гостите и персоналот во угостителските објекти“, изјави Митева, додавајќи дека ќе продолжи координацијата меѓу институциите за да се обезбедат високи стандарди во оваа индустрија.