Извори од ЕУ: Обидот да се смени преговарачката рамка носи голем ризик

Пораката од ЕУ е дека во Македонија има многу јавни изјави што немаат врска со тоа што стои во документите и дека државава во преговарите ќе има поцврста позиција


 

Извори од Европската унија не гледаат можност да се менува преговарачката рамка за Македонија, како што инсистира опозицијата, бидејќи сметаат дека постои ризик ако се отвори повторно тој процес, тоа што можеби ќе го добиеме потоа како предлог да биде полошо од ова што циркулира во пакетот договорен сега од француското претседателство. Според овие извори, не е реалистично да се очекува дека ќе се постигне некој магичен договор со Бугарија за краток период, уште повеќе што политичката ситуација таму е нестабилна и прашање е кога ќе има соговорник.

Според овие извори, нема рок до кога Македонија треба да одговори на предлогот, а ако речеме „не“ на пакетот, јасно е дека Албанија ќе се одвои од процесот.

Во ЕУ сметаат дека францускиот предлог не го компромитира преговарачкиот процес за Македонија бидејќи македонскиот јазик е без каква било додавка или квалификација во преговарачката рамка, а во документот дури четирипати се употребува референца – дека преговорите со Македонија „се отвораат“.

Јазикот во документите, велат од ЕУ, секако е различен од тие што сме ги виделе досега, но посочуваат дека морало да се направат многу компромиси за да биде прифатлив за двете страни и дека тој е резултат на долг процес претходно во кој му претходеле другите предлози.

Според овој извор, освен што е јасно наведено во параграфите 1, 3, 10 и 18 дека преговорите почнуваат, веднаш ќе почне и скринингот за кој очекуваат да заврши побргу од тоа што како искуство го имаат со други земји, бидејќи ЕК одамна почнала да ја проценува состојбата кај нас, така што сега само треба да се апдејтираат новите состојби. Според нив, ќе им треба малку повеќе од 12 месеци да се заврши овој процес и да се оди кон отворање на првиот кластер.

Наспроти проблематизирањето на почетокот на преговорите кај нас, овие извори велат дека втората меѓувладина конференција ќе се отвори автоматски и дека има време дотогаш да се направат уставните промени, без да има импликаци на календарот за преговори. Тие не гледаат ни причина да бидат блокирани уставните измени, бидејќи тоа не би било во согласност со практиката на Македонија околу малцинствата.

Според овие извори – дали билатералните прашања се внесуваат во преговорите е легитимна дилема, бидејќи има јазик во документот што личи на тоа, но додаваат дека и без тоа добрососедските односи се услов во преговорите и, за споредба, тие се вклучени и во преговарачките рамки за Србија и за Црна Гора, така што не може да се зборува дека тоа се прави за првпат за Македонија. Според нив, реалност е дека целиот преговарачки процес е меѓувладин и одлуките се носат едногласно, но во документите за  Македонија нема дел што упатува дека Протоколот е услов за напредок на преговорите, а ЕК нема да дава извештај за неговото исполнување туку само ќе „известува“ на меѓувладините конференции, како што се тврди, повеќе процедурално (колку состаноци се одржале, што се исполнило) отколку што ќе навлегуваат во суштината на преговорите, на пример, за историски прашања.  

Дали француските предлог ги дава заштитите што ги барала Македонија? Според овој извор одговорот е – да, бидејќи има чиста формулација за јазикот, чиста формулација дека се отвораат преговорите, а двофазната меѓувладина конференција не е нешто невидено досега, бидејќи иста имала и Црна Гора. Според нив, заштитена е и структурата на преговорите, односно јасно е што е критериум за напредок а што не е, со јасна порака дека Протоколот и билатералните преговори со Бугарија не се тоа.

Околу дилемата – што ако на крајот, кога ќе се отвори Поглавјето 34, што не постои сега и кога ќе се решава дали македонскиот јазик да стане официјален јазик на ЕУ Бугарија го блокира тоа, овие извори оценуваат дека никој не може да гарантира дека некој иден Каракачанов нема да се обиде да го направи тоа, но начинот на кој е сега формулиран јазикот во документите и фактот дека веднаш ќе почне да се применува таа формула со договорот за ФРОНТЕКС, а потоа и во сите документи, ќе создаде практика и реалност што не ќе може да се менува натаму. Според овие извори, ризикот да се блокира јазикот е многу мал, бидејќи ова прашање сега е нормализирано и детоксифицирано.

Генерално, пораката од ЕУ е дека во Македонија има многу јавни изјави што немаат врска со тоа што стои во документите и дека спротивно од она што е впечаток тука, Македонија во преговарачкиот процес ќе има поцврста позиција и простор да ги изнесе своите аргументи и на маса со другите 26 членки. Ако го одбиеме предлогот, според овој извор, само ќе им дадеме победа на тие во Бугарија што сакаат да нѐ блокираат околу преговорите, и тоа во услови кога имаме јасна преговарачка рамка која кажува прецизно каде се границите на условувањето. Зошто би се блокирале сами сега кога имате јасна референца за јазикот и само затоа што Бугарија може да ја оспори подоцна, посочува овој извор, додавајќи дека не постои ни преговарачка рамка ни  формулации во неа што можат да гарантираат дека во некоја фаза на процесот некој нема да нѐ блокира. (С.Ј.)