Израелците „одбиваат да служат на диктатура“, излегоа масовно на протест
Стотици илјади Израелци синоќа протестираа против одлуката на владата да го спроведе контроверзниот план за реформи во судството и покрај силното противење. Откако планот беше објавен во јануари, десетици илјади луѓе ширум земјата протестираат секоја сабота.
Протестите се интензивираа оваа недела кога Кнесетот (израелскиот парламент) го усвои првиот клучен реформски закон спроведен од екстремно десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Демонстрантите со израелски знамиња се собраа во Тел Авив оваа сабота по 30-ти пат по ред. Израелските медиуми објавија дека има повеќе од 170.000 демонстранти во тој град, кој се смета за епицентар на протестите, а околу 200.000 низ Израел. „Ние сè уште ја сакаме оваа земја и се обидуваме да ги решиме проблемите“, изјави еден од демонстрантите за АФП.
Во понеделникот, премиерот Нетанјаху и неговите коалициски партнери, вклучително и ултранационалистичките и ултраортодоксните еврејски партии, усвоија клучен закон што ќе ја ограничи способноста на Врховниот суд да ги поништи владините одлуки.
Реформата, која има за цел да ја зајакне моќта на избраните функционери над судовите, ја подели земјата.
Владата смета дека е неопходно да се обезбеди подобра рамнотежа меѓу гранките на власта, но критичарите сметаат дека тоа е закана за демократијата. „Одбиваме да и служиме на диктатурата“, пишуваше на транспарент што го носеше демонстрант во Тел Авив. Еден од учесниците на протестот рече дека е многу загрижен за тоа што сега се случува во Израел и дека се грижи за иднината на неговата ќерка. Донесувањето на реформата во моментов е во застој поради летната пауза на собраниската седница, а Нетанјаху тврди дека е подготвен да преговара за идните чекори.