Измените на Законот за урбанистичко планирање биле за да се префрлат ветените средства на општините, вели Николоски
Измените на Законот за урбанистичко планирање се носат токму сега затоа што вчера беше донесен ребалансот на Буџетот, денеска помина Законот за финансирање на единици на локална самоуправа и ние веднаш сакаме да го реализираме нашето ветување дека ќе им пуштаме средства за општините. Оваа година за преостанатите четири месеци ќе им префрлиме 100 милиони евра, посочи вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Како што нагласи ветиле дека ќе им префрлаат средства на општините секоја година со цел да се затворат еднаш за секогаш сите инфраструктурни прашања во сите општини без разлика од која партија е градоначалникот, а за да можат да им се префрлат средства од Буџетот морало да се донесат овие законски измени.
-Идејата е после четири години веќе да не зборуваме дали има или нема неасфалтирани улици, дали во некое населено место има или нема водоводна или канализациска мрежа, дали некаде фали амбуланта, дали болницата е во добра состојба, дали има градинка или има училиште. За да го реализираме ова покрај средства потребно е да се изработат проекти, рече Николоски во гостување на ТВ Канал 5.
Затоа велиме за да се изградат училишта, амбуланти, болници и катни гаражи во 100-процентна сопственост на државата или на општината и финансирани исклучиво од општински или државни пари ќе можат да се применуваат поедноставни постапки со цел општините да можат брзо да изработуваат планови за овие намени и брзо да ги реализираат.
Реакција за законот, како што кажа има само една невладина организација – О2 Иницијатива, која денеска можела да присуствува на собраниската расправа што првпат се случува во историјата на Собранието.
-И покрај тоа што им го понудив и ги ислушав од попладнево тераат други агенди и сакам да ги прашам дали можеби урбаната мафија стои позади нив затоа што им понудив три работи кои ги игнорираат. Прво да се изработи целосно нов закон за урбанистичко планирање, второ за двете општини каде што има најголем урбанистички хаос – Центар и Карпош, да донесеме специјални закони како што има за градот Охрид и да се стави конечно ред во урбанизмот и трето им кажав дека додека сум јас министер во овие две спорни општини нема да потпишам планови за згради за домување, појасни Николоски.
Порача дека одредени структури во општеството создаваат хистерија во областа на урбанизмот која придонесува оние што се занимаваат со градежништво да бидат гледани како „црни ѓаволи во јавноста“.