Изложбата „Вселена.Човек.Интелигенција.“ досега ја посетиле повеќе од 1.200 млади


Над 1.200 ученици од основните и средните училишта од целата земја досега ја посетија нтерактивната глобална изложба за млади „Вселена.Човек.Интелигенција.“, што во организација на Гете-институт и друштвото Макс Планк од 3 април се прикажува во Скопје.

Покрај организирани посети, изложбата ја посетија и поединци заинтересирани за темите вселена, историја на човештвото, мозок, антропоцен и вештачка нтелигенција, соопшти организаторите.

Во рамки на изложбата беше спроведен и натпреварот “СТЕМ во мојот живот”. Победничкиот тим доби стипендии од Педагошката служба за размена (PAD) за 4-неделен престој во Германија.

На работилниците за Кариерна ориентација која се нуди во соработка со Асоцијацијата на кариерни советници од Македонија, учествуваа околу 245 наставници, а работилници за кариерно советување на ученици ќе се одржат на 25 и 27 април.

Во соработка со Германска академска служба за размена (DAAD) се нуди советување за студирање во Германија. Следното советување е планирано денеска во 17 часот во Културно-информативен центар во Скопје.

Изложбата ги претставува сегашните и идните истражувачки проекти од Германија и поставува значајни прашања кои се однесуваат на нас како жители на Земјата и на кои ние се обидуваме да одговориме: Од каде доаѓаме? Каде одиме? Што не прави да бидеме луѓе?, а ќе може да се посети до 28 април во изложбениот простор на Културно-информативниот центар во Скопје. Влезот е бесплатен.

Целта на изложбата е на сите заинтересирани за Германија и германскиот јазик да им покаже дека истражувањето во Германија ужива висок статус и е важен дел од германската култура.