Изложба за модата на црногорскиот двор во Скопје: Кој дојде од политичката и културната елита?
Модата ги спои политиката и културата синоќа на отворањето на ексклузивната гостувачка изложба од пријателска Црна Гора во Музејот на македонската борба, насловена „Европската мода на црногорскиот двор-рефлексии“. Претставници од државниот врв, предводени од премиерот Зоран Заев и претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски , министрите за култура на Македонија и Црна Гора, Асаф Адеми и Александар Богдановиќ, и бројни гости од дипломатскиот кор и културните институции- му дадоа важен тон на модната колекција која прв пат го напушта Народниот музеј во Цетиње.
Збирката на облека од фондот на Музејот на кралот Никола, преку еманципирањето на членовите на владејачкото семејство Петровиќ кое се школувало во странство, ги отсликува културните случувања и општествени состојби во Црна Гора на преминот од 19 во 20.век. Најголемиот дел од изложените примероци се дел од тоалетите што им припаѓале на ќерките на мајката, црногорската кнегиња Милена- кнегињите Ксенија и Вера, и сопругите на двата постари синови на кнезот, Милица-Јута и Натали-Лили, верни следбенички на европската мода и трендови. Свечените фустани од сатен, креп свила и кадифе се одраз на префинетоста, суптилноста и општествениот статус и европските прилики на црногорскиот двор на почетокот на 20.век.
Свечените тоалети се со потпис на модниот салон „ E.& G. Spitzer“ од Виена, Австрија, на модната куќа „Кристоф Дрекол“ од Париз, Франција и креации на големите дизајнери од тоа време Жак Дусет, Густав Бер и Пол Пире.
Заедно со придружните детали: лепези, ракавици и накит кој го сочинувале тијари, со кристали и бисери, ѓердани, нараквици и обетки, црногорските кнегињи и нивните ќерки вечерните фустани ги носеле на разни прослави и балови организирани во дворот, во резиденциите на црногорските кнезови и на дипломатските балови во седиштата на диполматските претставништва и одаите на Зетскиот дом.
– Навистина е голема честа што вечерва сме опкружени со ексклузивни експонати кои со својата префинетост ја презентираат специфичната естетика и култура на свечената облека карактеристична на црногорскиот двор од 19 и 20 век. Вечерашната колекција не само што ни го рефлектира суптилниот вкус на високите претставници на тогашното црногорско општество, туку и јасно ни ја доловува историската и културната интегрираност на овие простори на големото европско семејство, рече синоќа министерот Адеми.
Министерот Богдановиќ посочи дека оваа изложба претставува, како што рече, уште еден чекор напред во културната врска на нашите две земји чие пријателство предизвика бројни примери за партнерство и соработка.
Вчера, двата ресорни министри се дружеа цел ден. Имаа средба во македонската Филхармонија, потпишаа договор за соработка до 2022 година, а министерот Адеми го прошета помладиот црногорски колега и низ Турската чаршија.
Изложбата „Европската мода на црногорскиот двор-рефлексии“ ќе биде отворена во Скопје два месеци.
Л.Сабит Фото: Б. Грданоски