Изложба на накит изработен на традиционален начин „Белези од природата“


Неверојатната комбинација на боите, формите, изблиците на животинскиот свет на инсектите на тлото на нашата земја, е инспирација и предизвик, за изложбата на двоецот Елена Поповска и Матеј Поповски, насловена „Белези од природата“. Изложбата ја сочинуваат 41 оригинални, уметнички и со посебни традиционални вештини изработени парчиња накит, кои ќе бидат изложени вечер во Природно-научниот музеј во Скопје.

Оценета како оригинална применета уметност, откината од природата, делата на авторите испраќаат и благородна порака за заштитата на природата и значењето на екологијата, толку потребно за мигот во кој се наоѓа нашата планета Земја.

-Преку овие 41 изблици на восхит, кои се дел од македонските природни богатства, авторите, повторно ги откриваат автентичните видови инсекти, употребувајќи ја реинтерпретацијата на нивните форма и боја, како средство за авторски пристап и сопствено преобликување на нивната единственост. Восхитувачка е прецизноста на потегот, движењето на раката при создавањето на обликот, милиметарските резови и засеци, деликатните детали на боите, кои се беспрекорно изработени на овие автентични форми, кои се чини, секој момент ќе затреперат со крилјата и ќе полетаат, се наведува за изложбата.