Изложба на косовскиот уметник Адем Дермаку во Чифте амам
Во галеријата Чифте амам вечер во 19 часот ќе биде отворена изложба „Моите спомени, дали се и твои…?!” на Адем Дермаку, современ косовски уметник кој живее и работи во Швајцарија. Изложбата прикажува графики и цртежи во кои авторот комбинира стари и нови медиуми – техниките на графичко печатење и традиционалните техники.
– Градење мостови преку употреба на носталгични средства, кои ги користат уметниците за критични современи теми, кулминира во нови, изненадувачки слики. Неговите дела одразуваат фундаментална потреба на уметникот да не ги потиснува неговите мрачни години. Користењето на старите и новите медиуми и техники, поетички и вешто да ја постигнат целта е невообичаено за современиот уметник, но Дермаку управува со овој балансиран чин благодарение на неговото искуство, наведува Националната галерија во најавата за изложбата.
Адем Дермаку (1978) стекнал ликовно образование во Приштина, а од 2003 година работи како стручен соработник во студиото на литографија Steindruckerei Wolfensberger во Цирих. Имал неколку самостојни и учествувал во над триесет групни изложби во повеќе европски земји, како и во Јапонија и САД.