Изложба Циклус: „Бежанци“ од Борко Лазески


Во Изложбениот салон на Музејот на град Скопје вечер ќе биде отворена истражувачката изложба Циклус: „Бежанци“ од Борко Лазески (1917–1993), која пред јавноста претставува значаен, но досега недоволно проучен сегмент од творештвото на еден од значајните претставници на македонската модерна уметност.

Изложбата и придружната публикација се дел од поширокиот и континуиран процес на истражување, документирање и повторно вреднување на богатиот и повеќеслоен опус на Лазески.

-Во фокусот овојпат е циклусот „Бежанци“, создаван во неговиот париски период и инспириран од егзодусот на македонското население од Егејска Македонија за време на Граѓанската војна во Грција. Преку мотивите на прогонството, разделбата, загубата и напуштањето на домот, Лазески го преобразува конкретното историско искуство во силен ликовен исказ за човечкото страдање, војната и раселувањето, велат од Асоцијација за култура ИКОН – Скопје.

Циклусот зазема специфично место и во поширокиот контекст на македонската ликовна уметност. За разлика од литературата и филмот, каде што темите на егзодусот и судбината на Македонците од Егејска Македонија се значително поприсутни, во модерната македонска ликовна уметност тие се обработувани релативно ретко.

Токму затоа делата на Лазески посветени на бегалците претставуваат важен визуелен документ и уметничко сведоштво за едно трауматично историско искуство.

Циклусот опфаќа дваесетина дела, најголем дел изведени на хартија, како и монументални реализации и подготвителни студии. Меѓу нив е и фреската „Бежанци“, создадена во Париз во 1946 година, која денес е уништена, но е документирана преку зачувани фотографии. Дел од корпусот е и сликата „Бежанци“, која се наоѓа во колекцијата на Националната галерија.