Изјавата за Буџетот се однесува исклучиво на можноста државата сама да го финансира „Чебрен“, појаснуваат од Министерството за енергетика


Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денеска преку реакција до медиумите појаснуваат дека изјавата на министерката за енергетика Сања Божиновска за состојбата на Буџетот се однесувала исклучиво на реалната можност државата сама да го  финансира „Чебрен“. Реакцијата, како што посочуваат од Министерството, е по тврдењата од СДСМ за состојбите во Буџетот.

Осврнувањето на министерката Сања Божиновска за состојбата на Буџетот се однесуваше исклучиво на реалната можност државата сама да финансира проект од обем и тежина како хидроцентралата „Чебрен“– инвестиција вредна над една милијарда евра. Притоа, министерката јасно и одговорно посочи дека ниту еден проект, колку и да е значаен, не смее да значи запирање на средствата за здравството, образованието, инфраструктурата и другите клучни јавни инвестиции“, велат од Министерството за енергетика. 

Од таму додаваат дека јавно кажуваат што е финансиски можно, а што би било неодговорно и ризично за државата.

„Тоа е разликата меѓу одговорна политика и опасен популизам – разлика што СДСМ очигледно мора да ја научи“, се вели во реакцијата.

Од Министерствот додаваат дека фактот дека капиталниот дел од буџетот денес е ограничен е директна последица на години недомаќинско, хаотично и неодговорно управување, период во кој не беше реализиран ниту еден стратешки капитален проект, а државата беше задолжувана без јасна визија и резултати. Буџет што беше разнишан и нефункционален, оваа Влада сега го стабилизира и го става во служба на реални, мерливи и остварливи проекти.

„Министерството направи суштински пресврт во енергетскиот сектор, овозможувајќи стотици домашни и странски компании да инвестираат транспарентно, законски и под еднакви услови – нешто што со години беше блокирано“, се вели во реакцијата при што се додава дека остануваат фокусирани на реализација на клучни проекти за граѓаните, со одговорно планирање, финансиска дисциплина и без загрозување на стабилноста на државата.

.