Изјавата на Заев ја изнервира Софија


Сè уште сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на РСМ од бугарско потекло, тврдеше и днеска претседателот Румен Радев

Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав сега стана главна агенда во Софија и на тамошните политичари. Изјавата на Заев дека Уставот може да се менува кога ќе станеме членка на ЕУ се разбира како порака дека се менува тонот во нашата држава околу преговорите

 

Во Бугарија се запалија страстите по изјавата на премиерот Зоран Заев дека како држава ќе ги впишеме Бугарите покрај останатите заедници во Уставот, но само откако ќе добиеме членство во ЕУ. Во Софија ваквата порака ја прочитаа така како што треба, дека Македонија нема веќе намера да покажува добра волја –  без да биде сигурна што ќе добие потоа. И дека нема намера веќе да попушта, туку ако ѝ се важни на Софија толку правата на Бугарите во нашата држава – треба да престане да нѐ блокира и да нѐ условува.  

Иако правата на Бугарите беа еден од последните приоритети на политичарите во Софија, изјавата на Заев привлече големо медиумско внимание, пред сѐ бидејќи се сфаќа како порака дека се менува тонот во нашата држава кон преговорите со Софија  кои не гарантираат ништо во однос на евроинтеграцијата. Прв се јави шефот на државата Румен Радев, кој сега е единствениот што мора да продолжи со популизмот, бидејќи нему му се ближат изборите.  

„Бугарија е најсилниот поддржувач на проширувањето на ЕУ, но не може да дозволи кршење на правата на граѓаните на Република Северна Македонија со бугарско самосвест“, изјави Радев од Виена. Според него, Бугарија доследно ја поддржува европската перспектива на регионот, но таа „не треба да биде ограничена на формални фази во процесот на пристапување и не може да им штети на интересите на земјите-членки на Унијата и нејзините вредности“.  

Тој очекува „јасна политичка волја“ кај нас за спроведување на Договорот за пријателство од 2017 година.

„Додека во Скопје тврдат дека ги исполнуваат критериумите за пристапување, сè уште сме сведоци на систематско кршење на правата на граѓаните на РСМ од бугарско потекло и нивна дискриминација и сè уште има говор на омраза кон Бугарија во учебниците и во јавноста. Напредокот и решавањето на овие прашања зависат исклучиво од политиките на РСМ, со која Бугарија постојано изразува подготвеност да спроведе конструктивен и отворен дијалог. Ова е начинот да се создаде клима на доверба и да се постигнат конкретни, одржливи и неповратни резултати што ќе доведат до почеток на преговорите за членство во ЕУ“, рече Радев.

Тој истакна дека во рамките на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, Бугарија е подготвена да работи на постигнување напредок на чувствителни теми и на решенија прифатливи за обете земји.

„Јазикот на омраза, што бугарското општество го чита од медиумите, е секојдневие за нас“, тврдеше денес и Петар Колев, лидерот на Граѓанско демократската унија во Македонија, кој стана најексплоатирана фигура последниве денови во медиумите во Бугарија.

Според него, во првата фаза јасен сигнал ќе биде ако РСМ почне да се однесува поеднакво кон граѓаните на земјата кои се самоидентификуваат како Бугари.

„Сега не е така. Бугарите не се на исто рамниште со останатите граѓани во РСМ. Бугарскиот народ не е присутен во македонскиот Устав. Од 2001 година РСМ е граѓанска држава во која различните етнички групи што живеат во неа имаат право на фер присуство во земјата и учество на разни позиции во државните институции. Ние не сме дел од наведените кои живеат во РСМ, не можете да видите судија или обвинител што е Бугарин, не можете да видите лице од армијата што е Бугарин. Ова е едно од главните повреди на човековите права“, рече Колев, одбегнувајќи да го употреби зборот „заедници“ според нашиот Устав.

Додека не се гарантираат правата на Бугарите во РС Македонија, Софија ќе биде скептична околу започнувањето на преговорите за членство во ЕУ, тврди и Бојко Ноев, дипломат од кариера и двапати министер за одбрана. Тој индиректно ја разобличи какофонијата што владее во Бугарија, каде што не знаат дали сакаат да бидат малцинство или не во Македонија, бидејќи тврдат дека ние сме Бугари, а од друга страна се користат за да се тврди дека се дискриминирани.

„Министерот за надворешни работи Светлан Стоев никогаш не зборувал за признавање на бугарското малцинство во РС Македонија, како што тврдат некои. Не постои таков термин и не е возможен. Она што министерот за надворешни работи го рече на прес-конференција минатиот петок беше буквално дека Бугарите во РСМ треба да се третираат подеднакво со сите други националности или делови од нации, како што се формулирани во Уставот и законите на РСМ“, вели Ноев за БГНЕС.

Според него, фактот што некои медиуми и аналитичари, поради незнаење на терминологијата или од други причини, го користеле зборот „малцинство“ е посебно прашање. „Не е добро кога другите политичари и набљудувачи ја прифаќаат оваа грешка и ја множат во своите коментари, па го обвинуваат бугарското МНР за неспособност“, вели Ноев.

Според него, не треба да се бара толкување на оваа изјава, туку на зборовите на Стоев дека парламентот треба да постави пофлексибилна рамка за преговорите со РС Македонија.

„Дојде време да разговараме за суштината на проблемот во нашиот однос со РСМ: дебугаризацијата, која трае 75 години и која не запре во последните 30 години. Ова се 30 години во текот на кои Бугарија беше единствената земја што безрезервно откина од залакот за да им помогне на своите браќа од РС Македонија во нивните најтешки моменти. За тоа време, некои бугарски политичари дозволија да заспијат со измамнички ветувања за блискост и разбирање. Сега неизбежно е стигнат часот на вистината, катарза што ги стави работите на вистинското место“, вели Ноев.

Дипломатот смета дека политиката на дебугаризирање не само што не била запрена и одложена, туку продолжила на ист начин како и порано.

„Во последните неколку недели и месеци, сѐ појасно се слуша гласот на македонските Бугари. Добро е што официјалното Скопје и Софија преговараат, но мора да се слушне и нивниот глас. Тие се носители на историјата за која некои се сомневаат, тие се носители на тагата што го снајде бугарскиот народ таму. Тие се директни наследници на луѓе кои биле убиени без судење или казна, испратени во концентрациони логори итн. Нашите сонародници во РСМ се оние кои го носеа и сѐ уште го носат главниот товар на дебугаризацијата и ова го гледаме до денес“, смета Ноев.

Според него, недискриминацијата неизбежно се појавува на дневниот ред и станува клучно прашање што треба да се реши пред РСМ да ги започне преговорите.

„Не зборуваме за барања за малцинство, туку Бугарите во РСМ да бидат третирани еднакво со сите народи споменати во Уставот. Не може да има Срби, Албанци, Турци, Бошњаци, Роми, а да нема Бугари. Ова мора да се реши и добро е што македонските Бугари го покренуваат ова прашање, чии последици се од најголемо значење за нив“, рече Ноев.

Во однос на пописот,тој излезе со проценка дека во РСМ има најмалку „120.000 македонски Бугари“ кои веќе имаат бугарско државјанство.

„Овие не се само носители на пасош или гастарбајтери, како што ги претставува пропагандата во Скопје. Станува збор за лица кои добиле бугарско државјанство врз основа на оригинални архивски документи, покрај изјавите за потекло што ги доставиле. Врз основа на тоа тие станаа бугарски државјани. Многу од овие луѓе го побараа своето бугарско државјанство како најдиректен пат до професионално и лично остварување, што им беше одбиено во самата РС Македонија. За Бугарија нема да биде прифатливо тие да не се рефлектираат на претстојниот попис“, категоричен е Ноев.

Тој уште ја повика македонската влада или парламентот, со посебна декларација да ги охрабрат македонските Бугари смело да го изјават своето потекло, да не се грижат за своите права и да се попишуваат како што се декларирале кога добиле бугарско државјанство.

Со ваквите и слични патетични изјави само се покрива фактот дека на последните  избори само неколку стотини граѓани од Македонија отидоа да гласаат во бугарските дипломатски преставништва, а прашање дали беа и толку бидејќи камерата на БГНЕС успеа да „фати“ само еден. 

„Амандманот 39 во Уставот од 2019 година експлицитно вели дека македонската држава треба да ги охрабрува националностите во контактите со татковината, но повторно наведува само шест националности и нема Бугари. Веројатно и Ромите имаат татковина, но не знаеме за која станува збор. Но, сигурно знаеме дека за македонските Бугари, Бугарија е татковина. Добро е владата во Скопје да ги охрабри овие луѓе да се претставуваат како Бугари, а не да ги потиснуваат“, повика Ноев.

Тој не верува исто така дека Бугарите не можат да се внесат во Уставот сега, како што порача Заев.

„Не верувам дека премиерот Заев рече дека не може да ги запише Бугарите во Уставот сега и дека тоа може да се направи само кога неговата земја ќе влезе во ЕУ. Ова би значело дека некои во РСМ се обидуваат да тргуваат со правата на македонските Бугари, многу од нив бугарски државјани. Таквата мисла е во спротивност со меѓународно признатите правни и морални норми. Што значи да ги регистрирате и признаете нивните права само по влегувањето на РСМ во ЕУ? Ова е прилично непринципиелна трговија. Правата на Бугарите во РСМ требаше да бидат загарантирани кога беше усвоен Уставот пред 30 години, а не да се одложуваат по хипотетичкото членство на РСМ во ЕУ“, инсистира Ноев.

Ноев ги повика македонските политичари да размислат многу сериозно за сигналите што доаѓаат и сѐ повеќе ќе доаѓаат од Софија.

„Промената на Уставот ќе биде неизбежен услов за продолжување на разговорите за почеток на преговорите. И искрениот попис на Бугарите – исто така. Додека Бугарија не биде сигурна дека се загарантирани правата на Бугарите, дека не се дискриминирани, таа ќе биде многу скептична за намерите на македонските политички елити“, вели  Ноев.

Инаку, премиерот Заев во споменатата изјава го негираше и фактот дека би се сменил Уставот само затоа што тоа го бараат од Софија.

„Оваа дебата започна пред неколку години на барање на Хрватите во земјата, како и Црногорците. Ние сме последни што го следиме примерот на сите европски земји, особено оние на Балканот. Хрватска и Албанија веќе го сторија тоа. Немаме предрасуди. Ако некој сака да го сториме ова утре, и да сакаме, не можеме. Немаме две третини, ниту треба да имаме, но јавно изјавуваме дека Бугарите, Хрватите, Црногорците, Египќаните и многу други етнички заедници ќе бидат вклучени во нашиот Устав непосредно пред пристапувањето во ЕУ“, рече Заев.

Сега е ред во Софија да сфатат дека во Македонија никој веќе не е подготвен да жртвува политичка кариера и достоинство за некоја ЕУ перспектива што зависи од фрустрациите на Бугарија и стопати неисполнетите ветувања на Брисел.  (С.Ј.)