Изјавата на Курти за инцидентот со Османи „студен туш“ за Косово
Поранешниот косовски амбасадор, Едон Цана е шокиран од изјавата на косовскиот премиер Албин Курти во Скопје дека инцидентот со Вјоса Османи не е провокација на македонските власти, оценувајќи дека тоа е тежок удар за Косово.
„Малку сум шокиран од реакцијата на премиерот Курти и не би очекувал ништо поразлично од Мицкоски, бидејќи неговата претседателка, која тој ја поддржува, ја доведе во прашање државноста на Косово. Тоа е тежок удар за претседателката на Косово од страна на премиерот Курти, од лични причини. Но, тој го погоди Косово со напад на претседателската функција. Османи не е поединец, туку највисока државна институција и оваа изјава е штетна за Косово“, изјавил Цана за „РТВ Дукаѓини“.
Врз основа на оваа изјава, тврди Цана, се подразбира дека за инцидентот е виновна Османи.Тој е убеден дека посетата на Курти на Скопје не требало да се случи пред да се расветли инцидентот.Цана додал дека тамошната претседателка Османи е виновна што по инцидентот го продолжила патот кон Косово.
„Првата грешка е продолжување на патувањето. Јас би го повлекол целиот персонал и не би го продолжил летот. Би се вратил на Косово и би ја разјаснил оваа работа, затоа што нападот врз претседателството е напад врз Косово“, смета Цана.
Според него, легитимно е тоа што Османи не го дала телефонот на, како што вели, проверка, бидејќи содржи и тајни податоци.
Портпаролот на косовската Влада Перпарим Криезиу им објаснил на новинарите дека Курти тоа го рекол затоа што сака да го причека деталниот извештај за случајот.
„Премиерот Курти чека официјален извештај, затоа не може однапред да каже дека тоа е провокација, бидејќи провокацијата е секогаш обмислена, односно намерна. Тоа доаѓа од истрагата, од која потоа произлегува извештајот што го чекаме“, рекол Криезиу.
Тој додал дека Курти во Скопје зборувал за фактите во врска со инцидентот со Османи на скопскиот аеродром.
„Тој зборуваше за фактите („грдото однесување“ и „прекршените правила“) кои се тешко и горчливо искуство за претседателката и нејзиното семејство, а не за мотивите и целите на таквото однесување, кои истрагата и извештајот треба да ни ги открие. Логично би било премиерот Курти тоа да го нарече провокација и да побара извештај. Премиерот сметаше дека инцидентот е веќе испровоциран, но извештајот треба целосно и детално да ја разјасни вистината“, истакнал Криезиу.