Изет Меџити и Орце Ѓорѓиевски заедно во кампања во Чаир. Ќе ги сечат ли јаворите на улицата „Цветан Димов“?
Кандидатите за градоначалници на Чаир и Скопје сакаат да ја прават улицата „Цветан Димов“. Тоа ќе биде многу тешко без да се сечат јаворите

Кампањата за локалните избори не е почната, двајца од кандидатите за градонаачлници имаат други свои работни обврски, но денеска во работно време се појавија заеднички на настан да промовираат нешто доколку бидат избрани.
Вицепремиерот Изет Меџити и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, отидоа во Чаир за на улицата „Цветан Димов“ да промовираат проект за проширување на оваа од сообраќај презаситена улица. Се разбира, кога ќе бидат избрани во октомври.
За реализацијата на овој проект предвидени се 10 милиони евра, од кои околу 3 милиони за експропријација и околу 7 милиони евра за реализација на проектот. Со проектот е предвидено да има шест ленти, зеленило, тротоари, велосипедска патека и целосно осветлување. Не кажаа дали ќе ги сечат многудецениските јавори на „Цветан Димов“,
Меџити нагласи дека заедно со Ѓорѓиевски се дојдени за да покажат дека ова ќе биде еден од првите проекти на Градот Скопје.
„Досега немаше волја. Има главен проект, има студија за експропријација. Почната е и постапката. Експропријација е предвидена околу 3 милиони евра, додека реализацијата на проектот околу 7 милиони евра. За реализацијата на овој проект вкупно се предвидени 10 милиони евра. Но е клучен за да се елиминира оваа црна точка во сообраќајот во Град Скопје. Со ова мислам дека ќе се нормализира сообраќајот во Градот Скопје, а посебно во Чаир, бидејќи ова се поврзува и со обиколницата на Градот Скопје. Ова е во врвните проекти за Чаир, а верувам и на Градот Скопје“, рече Меџити.
Ѓорѓиевски нагласи дека ова улица е една од црните критични точки на градот Скопје, проект којшто, како што рече, триесетина години наназад е ветуван од многу кандидати, но и од многу актуелни градоначалници коишто имале шанса да го водат Градот Скопје.
„После изборите во октомври каде што очекувам силна поддршка од граѓаните на Скопје, еден од првите приоритети наши ќе биде токму реализацијата на овој булевар, бидејќи веќе ја има во Градот Скопје комплетната документација, како и сите услови поврзани со експропријацијата која што ќе треба да ја направиме. Еден од клучните проекти коишто ќе го започнеме во самото влегување во Градот Скопје во октомври ќе биде токму реализацијаа на булеварот ‘Цветан Димов’“, рече Ѓорѓиевски.
Тие двајцата не гледаат проблем за нив по одлуката на Државната изборна комисија (ДИК) независните кандидати со два потписи да можат да се кандидираат на локалните избори.
Меџити не очекува ова да му наштети на изборниот процес. „Ќе се елиминираат уште во првиот круг“, рече Меџити.
Ѓорѓиевски е убеден дека ќе победи уште во првиот круг на локалните избори.
„Добро е во демократско општество, секој да има шанса. Јас искрено не гледам причина за паника барем кај мене. Јас сум убеден во победата во првиот круг на овие локални избори. Тоа се гледа евидентно и од поддршката којашто постојано на дневна основа ја добивам од страна на граѓаните“.
За дивоградбите во чаир и како ќе се решава проблемот со нив никој не кажа ништо.