Избрана новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски

Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскит фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување


Фото: Б. Грданоски

Собранието вечерва со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски. Владината коалиција ја сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ. Против Владата гласаа пратениците од СДСМ и Левица, а Европскит фронт ја напушти седницата кратко пред нејзиното завршување.

По гласањето премиерот Мицкоски и новите министри прочитаа свечена изјава. Свечена заклетва даде и новоизбраниот потпретседател на Собранието Антонијо Милошоски, кој на седницата за избор на потпретседатели не беше присутен.

Пред гласањето, завршно обраќање имаше мандаторот, а сега и избран премиер, Христијан Мицкоски, кој рече дека лично имал дилеми дали да се осврне на нападите на опозиција во текот на дводневната дебата бидејќи, како што посочи, ги смета за „депласирани и надвор од она што е интерес на граѓаните“, како и дека ги дефокусираат од реалните проблеми на граѓаните.

„Истовремено и поради фактот што на граѓаните им е дојдено преку глава од нашите меѓусебни расправии кои некогаш се и непродуктивни и исцрпувачки за јавноста. Затоа би рекол само: Ви благодарам. Ќе ги имам на ум во моето понатамошно делување. Повеќе како пример како не треба“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека на граѓаните им е доста од препирките и дневно политичките надмудрувања.

„Потребна е работа, посветеност, одговорност, и конкретни проекти. Јас тоа го ветувам овде денес пред вас повторно“, рече Мицкоски, додавајќи дека државата ќе биде во рацете на граѓаните и сите институции ќе работат за грѓаните и повторувајќи некои од постулатите кои се дел од владината програма како што е стабилен и професионален здравствен систем, образовен систем базиран на знаење, вредности и во чекор со модерните светски трендови, повисокиот стандард, поквалитетен живот, мирни спокојни достоинствени пензионерски денови, функционални институции  и тн.

„Овие работи за жал поради вашата несовесност, неодговорност беа уништени“, им порача Мицкоски на пратениците од опозицијата.

Тој посочи дека нападите кои ги слуша овие два дена генерално се сведуваат на две тези. Првата е Преспанскиот договор и прашањето за името, а втората е Францускиот предлог и преговарачката рамка.

Зборувајќи на оваа тема, како што рече, ќе си дозволи да даде два совети, при штои рече дека со вакви „лаги и и конструкции нема да ја вратат довербата кај граѓаните и дека треба да му дадат време, како и да ги гледаат работите онакви какви што се.

„Изборите ги изгубивте затоа што играа фудбалчиња, понижувајќи ве вас како личности вашите коалициони партнери, а потоа и Македонија како држава. Изборите ги изгубивте затоа што ви се случија Ласкарци, Беса транс, модуларната болница и затоа што голобради момчиња, роднински поврзани со лидери на партија купуваа трговски центри во Скопје, затоа што се возат најскапи „ролс ројсеви“ во рурално место од луѓе поврзани со политички партии ваши коалициони партнери“, рече Мицкоски.

Тој ѝ порача на СДСМ да направи катарза, затоа што ѝ треба на Македонија.

Во однос на Преспанскиот договор и Преговарачката рамка, тој рече дека ваков бугарски диктат под вакви околности додека е премиер, нема да помине и нема да има уставни измени.

„Мојот збор планини тежи“, рече Мицкоски, додавајќи дека поради грешките на претходната Влада, „ќе капитулира како човек и ќе ја каже таа срамна придавка“.

„Со крајни напори се обидуваме да извлечеме нешто позитивно од хаосот што ни го наметнавте и тоа е нешто што нема да нè спречите да го правиме“, рече Мицкоски во завршното обраќање, пред пратениците да преминат на гласање за новата Влада.

Во новата влада има вкупно 20 министерства, а Владата брои 24 члена. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Мицкоски има пет заменици односно вицепремиери, а еден од нив ќе биде „прв вицепремиер“. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Министер за внатрешни работи е Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцуски, за финансии Гордана Кочоска Димитриеска, заменик претседател на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски, министер за локална самоуправа Златко Перински. Министерка во новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини е Сања Божиновска, во земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, министерка за образование и наука е Весна Јаневска, министер за култура и туризам е Зоран Љутков, а министер за спорт Борко Ристовски. Љупчо Димовски е вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, вицепремиер задолжен за односи со заедниците, додека Шабан Салиу е министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите. Министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е Изет Меџити, министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е Арбен Фетаи, министер за здравство Арбен Таравари, Орхан Муртезани е избран за министер за европски прашања, додека за министер за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а министер за економија е Бесар Дурмиши. Игор Филков е новиот министер за правда, а Горан Минчев за министер за јавна администрација.

Со изгласувањето на новиот владин состав во Собранието, Христијан Мицкоски стана 13-тиот премиер, кој ќе ја предводи 20-тата влада од осамостојувањето на државата.

Собраниската седница започна вчера, а за збор беа пријавени шеесетина пратеници.