Изборниот законик експресно влезе и „излезе“ од дневниот ред во Собранието


Пратениците на Левица поднесоа 772 амандмани на  Изборниот законик што денес експресно влезе во процедура, па заради него беше поместена и расправата за ребалансот за буџетот. Законот веднаш се најде и на Комисијата за политички прашања, но по интервенцијата на Левица со амандманите, таа е прекината и одложена за неодредено време. Министерот Бојан Маричиќ очекуваше измените на Изборниот законик да бидат донесени до 1 август, бидејќи е договорен меѓу трите големи политички партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, за кои, пак, Апасиев денес обвини дека се здружиле – во голема коалиција. 

-Значи, вака иде шверцератот на Изборниот законик на широката коалиција СДС+ДУИ+ДПМНЕ:
– во 14:45 ч. стигнува Предлог-законот за изменување и дополнување на мејл на пратениците (материјал од речиси 80 страници текст);
– во 15:30 ч. почнува пленарна седница на Собранието на РМ на која се гласа потребата од скратена постапка за законот;
– во 16:15 ч. е закажана седница на Комисијата за политички систем. Иако Деловникот ни дава право од минимум пет дена за подготовка на амандмани, бевме ставени пред свршен чин – и времето за подготовка на амандмани изнесуваше неверојатни 45 минутки! Чисто да си знаете со какви ликови секојдневно си имаме работа. И Грујо може да им позавиди на финтиве, прокоментира Апасиев на Фејсбук.
 
За Законот попладнево реагираше и Горан Милевски од ЛДП, инаку министер за локална самоуправа во актуелната Влада.
 
-Цензура без преседан во земја кандидат за ЕУ. Со разочарување го прочитав делот од измените на изборниот законик каде се регулира рекламирање на учесниците во изборната кампања. Партии кои земаат 41% од гласачкото тело си резервирале 90% од дозволениот простор за реклами. Од дозволени 9 минути на час рекламен простор на телевизии, радија, се планира 8 минути да биле за 4 најголеми партии, а 1 минута за сите останати кога ќе се договорат за поделба на терминот.
 
Се ограничува и Фејсбук кампања која е со средства на партиите и таа може да се реализира само на официјални профили и фан страни, при што се пријавуваат страните за реклама. Надвор од ова рекламирање секој кој ќе се спонзорира ќе се казни согласно Кривичен закон.И повторно овде 90% од средствата можат да ги трошат 4 големи партии, а 10% сите останати. Брука. Кој се плаши од граѓаните!- прокоментира Милевски.