Изборни програми „кој ќе даде повеќе“
ВМРО-ДПМНЕ повеќе се ослонува на популистички политички ветувања, а СДСМ повеќе верува во парите како изборен адут
Иако изборната кампања не е почната, политичките партии излегоа со изборните ветувања во кои превладува дневен популизам или бројки. Впечатокот е дека изборните ветувања се претвораат во јавни наддавања и лицитирања – кој ќе понуди повеќе, па така откако, на пример, ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе им даде 5.000 денари еднократно на пензионерите првата година, СДСМ најави дека секоја Нова година ќе им дава по 6.000!
За волја на вистината, во програмите има и најави за некакви кратења, односно срамежливо се навестува реформа на јавната администрација и од едната и од другата политичка партија, веројатно зошто на бизнисот тоа многу му треба и зошто сите тие силни исплати што ги планираат треба од некаде да дојдат, или како што рече лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, парите не паѓаат од небо, па која и да е влада ќе може да ги исполни ветувањата само со помошта од ЕУ. Поради тоа, најважното ветување на СДСМ е дека ќе продолжи со евроинтеграцијата.
Генерално, ако се споредат ветувањата од двете партии, иако не се целосни бидејќи програмите сѐ уште не се објавуваат интегрално, ВМРО-ДПМНЕ повеќе се ослонува на популистички политички ветувања, а СДСМ повеќе верува во парите како изборен адут. За првпат со она што го најавува СДСМ покажа дека добро ја научиле лекцијата од ВМРО-ДПМНЕ и дека може да ветат и повеќе и подобро.
Па, така ветените 800 милиони евра во развој на земјоделството од Христијан Мицкоски изгледаат повеќе од скромно од ветените милијарда и 350 милиони евра што ги најавува СДСМ, нарекувајќи ги „историски најголема поддршка“ за овој сектор досега и тврдејќи дека Македонија од земја увозник на храна за четири години ќе стане извозник. Она што паѓа притоа во очи е дека никој не ветува повеќе изградба на нов Клинички центар, бидејќи такво нешто ветија – па видовме како заврши.
Од „пореволуционерните“ најави се издвојува таа за укинување на партиципацијата за здравствени услуги на СДСМ, проверка на имотната состојба на сите граѓани (вклучувајќи ги и судиите и обвинителите) што ја најавува ВМРО-ДПМНЕ, електронската лична карта (СДСМ), ревизијата на сите дипломи (СДСМ), специјални регистерски таблички за службените возила за да нема злоупотреби (ВМРО-ДПМНЕ), економски раст од 5,1 отсто (СДСМ) и, најпарадоксалноно, учебници за секој ученик – на први септември (ВМРО-ДПМНЕ).
Меѓу најконтрапродуктивните е најавата на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители и избор на нови „според вистински критериуми“, во ситуација кога најголемиот број од нив ги избираат директно самите судии, што практично е најава за директно мешање на политиката, односно власта, во правосудството откако сите реформи досега во оваа сфера завршија неславно поради силните партиски влијанија. Од ветувањата на СДСМ пак најконтроверзна е најавата дека, не само студентите, туку и средношколците, па и основците отсега ќе се возат бесплатно во јавниот превоз и дека ќе одат бесплатно на екскурзии, во земјата, во регионот и во ЕУ, за да се учат на добрососедство и да видат што носи евроинтеграцијата.
Гледано подетално, во програмата на СДСМ освен евроинтеграцијата и најавата дека ќе работат на „нула толеранција околу корупцијата“ (со која ќе се справуваат главно со дигитализација и избор на „чесни и квалитетни судии“), во таа на ВМРО-ДПМНЕ има повеќе политички ветувања. Покрај најавата за Собрание со 90 пратеници и за една изборна единица (кои тешко ќе ги протнат без согласност од опозицијата), тие се враќаат и на веќе затворени теми кои во минатото ја поларизираа Македонија.
Првата е одржување на нов (дигитален) попис со кој ќе биде опфатено само резидентното население во земјата, со што веројатно сакаат да си го симнат политичкиот товар од бојкотирањето на претходниот попис, со што нанесоа голема штета на државата.
Втората тема е исфрлањето на ДУИ од власта како корумпирана, т.е. враќање на македонската држава на македонскиот народ, што се рефлектира и во нивниот предизборен слоган „Македонија повторно твоја“. Тоа практично значи враќање на етничките теми во јавната дебата, при што во јавноста веќе е создаден впечаток дека ако дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ ќе се справи со ДУИ, ќе ја принуди Бугарија одново да преговара за преговарачката рамка и дека – ќе го врати старото име на Македонија.
Третата тема е најавата за укинувањето на балансерот, која е обична политичка патка бидејќи во сите институции е достигнат, а во некои и надминат бројот на вработени од албанската етничка заедница, па него уште повеќе сакаат да го укинат „Вреди“ и ДУИ.
Четвртата тема, која реално значи промена и е чекор напред, е најавата за скромно, но сепак намалување на бројот на институции во државата за 10 отсто, намалување на бројот на членови во управни и надзорни одбори и на замениците директори, што сигурно нема да ги израдува тие во администрацијата па и во партијата, но ќе биде поддржано од пошироката јавност.
Петтата тема, која е важна само на ВМРО-ДПМНЕ, е електронско гласање на дијаспората која на последниве избори покажа дека не е баш којзнае колку мотивирана да учествува во изборите во Македонија.
Во здравството ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ се реално поскромни од тие на СДСМ, барем од она што е објавено досега. Како главно, тие го посочуваат повторното враќање на централизираното управување со Клиничкиот центар, укинување на двојните директори (политички и економски), вработување на 500 доктори и 500 медицински персонал, изградба и опремување на клиничка болница во Штип, шест бесплатни ин витро третмани и ограничување на маржите за лековите за да не трпат пациентите, а да се богатат снабдувачите. СДСМ, пак, ветува укинување на здравствената партиципација за да не се случува да трпи нечие здравје заради имотната состојба, финансирање на 100 специјализанти, укинување на партиципациите за студирање на универзитетите за медицина за да се мотивира нов кадар, европски плати за лекарите, обезбедување на сите нови лекови за ретки болести, на најновите инсулински терапии и натамошна реконструкција на болниците.
Во социјалата, и едната и другата партија ветуваат олеснување за купување станови за младите со поддршка од државата, а ВМРО-ДПМНЕ настапува со ветување дека за секое дете ќе има место во градинка, додека СДСМ ветува капацитет за 70 отсто од нив. ВМРО-ДПМНЕ најавува и продолжен престој на децата во училиште и крај на драмата со немањето учебници. Наспроти тоа, СДСМ, освен бесплатните екскурзии, бесплатното возење со јавен превоз од основно до завршување на факултет и бесплатните оброци, ветува 6.000 денари ваучер за првачиња, 9.000 за средношколец и 3.000 за сите останати, плус укинување на струдентската такса. ВМРО-ДПМНЕ најавува и десет центри за поддршка на жените жртви на семејно насилство, вработување на лица со посебни потреби, како и поврат на данок за вработените мајки – колку повеќе деца, толку подолго.
Во областа на спортот ВМРО-ДПМНЕ најавува изградба на олимписка арена за боречки спортови „Методиј Андонов Ченто“ во Гази Баба и спортски центар во Битола, 50 милиони евра помош за развивање подобри спортски резултати и изградба на жичарница до средно Водно. СДСМ од друга страна најавува изградбата на капитален спортски објект – Европски спортски Центар-Кале со затворено лизгалиште, отворени олимписки базени и кошаркарска сала, изградба на атлетско – тениски центар, реконструкција на пет атлетски патеки во Битола, Кавадарци, Прилеп, Штип и Струмица и изградба на адреналински парк за развој на спортско – рекреативниот туризам на Водно.
И едната и другата партија гледаат подобра иднина и спас за корупцијата со дигитализацијата , со единствена разлика што ВМРО-ДПМНЕ проектот го нарекува СМАРТ. МК. Најмногу се разијдуваат во енергетиката, при што ВМРО-ДПМНЕ има намера да го обнови РЕК „Битола“ место да ја затвори, иако тврди дека се залага за зелена економија, ќе чека прво земјите во ЕУ да „зазеленат“ сосема, па да го спроведе тоа кај нас, очигледно со порака дека нема да плаќаме нешто за што не се подготвени сѐ уште тие да го направат.
Наспроти тоа, СДСМ ветува 3,5 милијарди евра јавни инвестиции, од кои најголем дел во енергетиката со акцент на зелена транзиција. Генерално, СДСМ ветува фокус и многу пари во енергетиката и земјоделството, натамошен раст на платите (до 1.100 евра просечна плата за четири години), само 7 отсто невработеност и 180 милиони евра директна помош на домашните компании, покрај 750 милиони евра субвенции кои ќе го направат земјоделство, од дејност што пропаѓа во извозна за четири години (со давање помош за млади земјоделци, со давање субвенции за сточарски грла, со гарантирана цена за грозјето и слични најави).
Најреволуционерно ветување притоа на оваа партија е „нула отсто данок“ за минимална плата, иако може да се покаже како стимул за компаниите да ги намалуваат платите на тие што ги вработуваат – за да се ослободат од давачката. СДСМ ветува и данок на луксуз, нешто што претходно се обидуваше да го протне како прогресивен данок. Она што е успех на оваа партија е конечното воведување на конфискацијата на имот за сторени злоупотреби и кривични дела, па се споменува и овојпат, а она од што најмногу се разликува од ВМРО-ДПМНЕ е програмата за модернизација и опремување на АРМ, за која ВМРО-ДПМНЕ јасно кажа дека ќе ја запре бидејќи парите ќе ги даде на општините.
ВМРО-ДПМНЕ меѓу редови најавува воведување и еколошка такса, инвестирање во продукција на македонски филмови, стимулирање истражувачки, магистерски и докторски трудови, укинување на пристапот до електричната мрежа (што го воведе не толку одамна владата на СДСМ и ДУИ), 250 милиони евра помош за секоја општина, замена на греењето во јавните институции со поеколошко, кредити за енергетска ефикасност за граѓаните и – изградба на патот Кичево – Охрид, покрај останатите.
Ако некому ова му звучи како „Алиса во земјата на чудата“, треба да се сети дека сѐ тоа ние ќе го платиме данок и со кредити, така што дилемата е само каде ќе одат парите. Треба да се почекаат и ветувањата и другите партии, за да стекне реална слика што од сето тоа е реалност, а што само добри намери.