Изборите ќе бидат на ист датум, техничката влада на 28 јануари

Како и што се очекуваше, претседателските и парламентарните избори ќе бидат на 8 мај. ДУИ ќе го даде премиерот на техничката влада


Фото: Б. Грданоски

 

По неколку месеци политичко натегање лидерите на парламентарните партии денеска на лидерската средба се согласија дека на 8 мај ќе се одржат двојни избори: вториот круг од претседателските и парламентарните. Тој датум беше единствено можен за да се овозможи парламентарните избори да бидат во нивниот редовен термин, а претседателските да завршат до истекувањето на мандатот на Стево Пендаровски на 12 мај. И првиот круг на претседателските и двојните избори же бидат во среда. Тоа беше направено за да се избегнат и двата големи верски празници кои паѓаат во деновите претходно. Првиот круг од претседателските избори ќе биде на 24 април. И во двата дена гласањето ќе биде во среда.

Оваа информација ја соопшти премиерот Димитар Ковачевски по тричасовната средба во Собранието. Ковачевски објави и дека ќе биде испочитуван и договорот со ДУИ по изборите во јули 2020 дека ќе има техничка влада на чие чело ќе биде претставник на интегративците. Таа влада ќе се формира на 28 јануари, сто дена пред изборите.

Премиерот рече дека на средбата информирал за процесот на скринингот процесот на скринингот кој се одвива успешно и според утврдената динамика. Разговарале и за Планот за раст на ЕУ за регионов.

„Разговаравме за процесот на завршувањето на уставните измени како и што кажав на лидерската средба за нас за СДСМ и коалициските партнери, нема дилема дека Македонија припаѓа во ЕУ, дека европскиот пат е започнат како процес и дека тука нема застанување. Прифаќањето на уставните измени останува единствениот предуслов за да продолжиме напред. Овој став го споделив на лидерскиот состанок, со напомена дека уставните измени ќе останат да бидат обврска и за овој парламентарен состав и за секој нареден и секоја теза дека има некоја друга алтернатива за нашето членство во ЕУ е погрешно“, рече Ковачевски.

Тој наведе за што се разговарало околу препораките на ОБСЕ/ОДИХР за Изборниот законик: постапката во делот на приговор и жалбена постапка за заштита на избирачкото право, набљудувањето на изборите, регистрацијата на гласачи, изборната кампања, финансирањето на кампања, медиумското претставување во изборниот процес. Според него, овие измени се веќе усогласени и имплементирани во Предлог-законот и тоа било резултат на вклучувањето на сите политички чинители. Предлог-законот ќе се достави до координаторите на пратенички групи со цел да влезе во собраниска процедура и да се изгласа навремено.

Ковачевски исто така информираше дека Извршниот комитет на СДСМ синоќа донел одлука за формирање Европски фронт и за избор на кандидат за претседателски избори. 

Тој ги повика сите политички субјекти, невладини организации, граѓански здруженија, активисти, „сите кои го поддржуваат европскиот пат и иднината на земјата ја гледаат како полноправна членка на ЕУ да се приклучат во европскиот фронт“.

Фото: Б. Грданоски

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во својата изјава потоа потврди дека бил постигнат широк консензус за датумот за изборите и за Изборниот законик, а дека за уставните измени нема.

„За измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР постигнавме согласнот и тие ќе влезат во собраниска процедура што значи дека тој ќе се менува иако не е испочитувано правилото шест месеци пред почеток на кампња за изборен процес да нема измени. Кампањата би започнала на 4 април, тоа значи сепак дека не го испочитувавме правилото да немаме интервенции пред почеток на кампања. Се надевам дека во иднина тоа нема да биде случај“, рече Мицкоски.

Тој рече дека граѓаните ќе одлучуваат во каква Македонија и во какво општество сакаат да живеат.

„Од едната страна ќе имаме понуда која што ќе биде претставена од актуелната владина коалиција, а од другата страна ќе имаме понуда што ќе ја понуди актуелната опозиција што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Немаме можност за исправка за тоа што ќе го направиме најпрво на 24 април, а потоа на 8 мај. Ги повикувам граѓаните да застанат зад понудата која што ќе ја трансформира Македонија онаква каква што сакаме да ја видиме“, рече Мицкоски. 

Според него, прашањето за техничка влада било отворено, но дека не постои консензус посебно од владините коалициски партнери таа да биде избришана. Мицкоски рече дека ќе имаат седница на највисоките органи на партијата и дека ќе донесат одлука како ќе настапат за ова прашање.  

Претставниците на албанската опозиција ја напуштија средбата откако се отвори прашањето за пополнување на Државната изборна комисија, а тогаш спикерот на Собранието, Талат Џафери, си заминал.

Ковачевски им оддаде признание на МВР и Обвинителството дека најпрофесионално и на врвно ниво со апсолутна посветеност успеале да ги идентификуваат сторителите на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и тие ќе бидат изведени пред правдата. Според премиерот, за вакво грозоморно дело и злосторство следуваат највисоки казни.

И тој нагласи дека се работи за изолиран случај на криминалци кои треба најжестоко да бидат казнети, согласно македонското законодавство. Ковачевски им се заблагодари на медиумите, на сите граѓани што споделуваа информации, но и на членовите на специјалниот тим кој беше формиран во МВР за расветлување на двете убиства. (Н.В.)