Избори во Црна Гора: Власта на Мило Ѓукановиќ веќе не е така сигурна


Мило Ѓукановиќ владее со Црна Гора веќе 30 години

В недела Црногорците ќе изберат нов парламент. Истражувањата покажуваат дека земјата се соочува со досега неизвесната трка и дека владата на Мило Ѓукановиќ изгуби повеќе отколку што стекна во конфликтот со Српската православна црква

 

Кампањата пред парламентарните избори во Црна Гора на 30 август е при крај. Владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) ја брка својата единаесетта последователна победа и продолжување на 30-те години владеење, додека опозицијата, која оди во повеќе колони, смета дека конечно дојде часот за промена.

Единствената објавена анкета на јавното мислење од Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ) во Подгорица пред неколку дена сугерира дека изборите би можеле да бидат најнеизвесни, бидејќи ДПС има 35,3 проценти од поддршката на граѓаните, што е еден од најслабите рејтинзи кога било.

Опозицијата како целина има поддршка од вкупно 52 проценти, а ДПС и нејзините помали партнери заедно имаат 48 проценти.

Новина е дека истражувањето на ЦЕДЕМ беше критикувано и од опозицијата, но и од страна на ДПС, која тврди дека станува збор за „валкана пропаганда против владата“, додавајќи дека нивните партиски истражувања покажуваат дека рејтингот им е значително поголем.

Аналитичарот на ЦЕДЕМ и истражувач на јавното мислење, Милош Бешиќ, ги игнорира овие критики, велејќи дека практиката покажала дека резултатите од нивното истражување се веродостојни. Тој за ДВ рече дека е јасно дека изборите ќе бидат понеизвесни од претходните, пред сѐ заради конфликтот меѓу владата и Српската православна црква (СПЦ) околу спорниот Закон за слобода на религијата.

Други причини се „економска стагнација, забавување на патот на Црна Гора кон Европската унија, замор на граѓаните поради фактот што владата не се сменила 30 години… Сепак, клучна причина е законот за слобода на религијата, со кој ДПС ги мобилизираше и интегрираше просрпските гласачи и изгуби дел од своите гласачи кои се за Српската православна црква“, вели Бешиќ.

Тој наведува дека ДПС сè уште е во предност, но дека исходот може да биде различен. Бешиќ посочува дека еден од добрите потези на опозицијата што му даваат шанса водечкиот опозициски Демократски фронт (ДФ) е дека го смени носителот на листата – сега тоа е универзитетскиот професор Здравко Кривокапиќ. Ова го спречи ДПС да спроведе лесна негативна кампања против традиционалните лидери на ДФ.

Именувањето на професорот Здравко Кривокапиќ на чело на листата на Демократскиот фронт треба да ѝ донесе повеќе гласови на опозицијата

Второ, вели аналитичарот, двете клучни листи со про-српски предзнак – коалиции околу ДФ и Демократите, од кои вторите велат дека се граѓанска, а не национална листа – собираат различен демографски електорат и интегрираат помали партии, не оставајќи расфрлани гласови.

„На крајот, и пресудно, Српската православна црква ќе води активна кампања против ДПС и во корист на ДФ“, вели Бешиќ.

Иако се чекаше малку подолго, искрата меѓу владата и Српската православна црква се запали во предизборната кампања во претходните денови, откако митрополитот црногорско-приморски, Амфилохие, јавно ги повика граѓаните да гласаат на изборите против владата. Лидерот на ДПС и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, му рече дека на изборите ќе ги победи сите структури, вклучително и на оние што во нивниот состав имаат и црква.

Бешиќ смета дека двете водечки опозициски коалиции околу ДФ и Демократите ќе имаат вкупно повеќе гласови од ДПС, што досега не се случило. Тој рече дека новата влада може да зависи од граѓанските партии УРА и СДП. УРА имаше поддршка од 6,6 проценти во истражувањето на ЦЕДЕМ, а СДП 4,2.

„Не сум изненаден од рејтингот на УРА. Традиционално, во црногорскиот електорат имаме 12-15 проценти граѓански гласови, кои се насочени против ДПС од една страна, а против про-српските партии од друга страна. Денес овој електорат е доминантен кај УРА и СДП, а нешто помалку кај Демократите. Во неизвесно сценарио, конечниот исход навистина може да зависи од бројот на пратеници на СДП и УРА, како и од нивната позиција по изборите“, смета Бешиќ.

Дритон Абазовиќ е на чело на граѓанската листа УРА. Тој може да освои голем број гласови, па провладините структури почнаа да го нарекуваат „четник“, иако тој е Албанец

Тешко е да се каже каква ќе биде таа одлука, ако зависи од нив, вели Бешиќ. СДП рече дека тие биле подготвени да разговараат со ДПС по изборите доколку ги прифатат нивните програмски принципи, додека лидерот на УРА, Дритан Абазовиќ ја исклучи СДП од опозицијата и посочи дека ќе формира коалиција со ДФ и демократите.

Затоа провладините медиуми во последниве денови започнаа лавина од напади врз УРА, обвинувајќи ја за наводно предавство затоа што по изборите, како што се наведува, ќе „формира коалиција со четниците“, а и самиот Абазовиќ на социјалните мрежи се прогласува за четник, иако е Албанец. Бешиќ гледа во овој маневар на ДПС обид да го намали рејтингот на УРА и да го надомести евентуалното губење на електоратот.

„Граѓанските опозициски гласачи би сакале ДПС да биде отстранета, но про-српските партии сепак да не ја преземат власта. Сепак, тоа е невозможно во пракса. И ова е аналитички најинтересно во постизборните комбинаторики. Не знам кому ќе му се приклонат овие две партии, но знам дека оваа одлука е многу тешка и во секое сценарио, непријатно за раководството и гласачите на овие партии“, вели Бешиќ. (Дојче веле)