Избори на 8 мај, инаугурација на претседателот на 12 мај, нова Влада до крајот на јуни 2024
Лидерите на парламентарните политички партии на средба во Собранието се договорија првиот круг на претседателските избори да се одржи на 24 април, а вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да бидат на 8 мај. Според пропишаните рокови изборите би се распишале најдоцна на 28 февруари, а техничката Влада би требало да се формира до 28 јануари.
Имајќи предвид дека вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори би се случиле на 8 мај, согласно уставните и законските рокови, инаугурацијата на Претседателот на државата може да се одржи на 12 мај, а конститутивната седница на Собранието 20 дена подоцна односно до 28 мај. Новата влада би требало да биде избрана до крајот на јуни 2024 година.
На вчерашната лидерска средба е постигнат и широк консензус за забелешките за Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Исто така, тема на разговор бил и статусот со процесот на скрининг за кој, како што потенцирал Ковачевски, се одвива успешно и според утврдената динамика.
-Уставните измени се единствениот предуслов за да се продолжи напред, а секое одлагање е неодговорна и опасна политичка одлука, изјави вчера по средбата премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.
Според премиерот, секое одлагање и ставање во неизвесност на преговорите и на нашето полноправно членство е исклучително неодговорна и опасна политичка одлука.
-Овој став го споделив на лидерскиот состанок со напомена дека уставните измени ќе останат да бидат обврска и за овој парламентарен состав и за секој нареден и секоја теза дека има некоја друга алтернатива за нашето членство во ЕУ е погрешна. Сега е време да се постапи правилно и да се донесат уставните измени, изјави Ковачевски.
Ковачевски на средбата информирал дека Извршниот комитет на СДСМ донел одлука за формирање Европски фронт и за започнување на постапка за избор на кандидат за претседател, согласно Статутот и согласно соодветните правилници во партијата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека на лидерската средба е постигнат широк консензус за датумот за изборите, како и за Изборниот законик согласно забелешките на ОБСЕ/ОДИХР. Во однос на уставните измени, тој е дециден дека сега нема услови за тоа од познати причини кажани во јавноста многу пати досега.
-За измени на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР постигнавме согласност и тие ќе влезат во собраниска процедура што значи дека тој ќе се менува иако не е испочитувано правилото шест месеци пред почеток на кампња за изборен процес да нема измени, имајќи ја предвид согласноста првиот круг од претседателските избори да се случи на 24 парил, а вториот круг претседателски избори и парламентарните избори да бидат на 8 мај, што е донесено како заклучок. Кампањата би започлнала на 4 април, тоа значи сепак дека не го испочитувавме правилото да немаме интервенции пред почеток на кампања. Се надевам дека во иднина тоа нема да биде случај, изјави вчера по средбата Мицкоски.
Ставот во ист ден да се одржат претседателските и парламентарните избори го изнел и претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов.
Павле Трајанов и Демократскиот сојуз, изразуваат длабоко сочувство до семејството на Љубисав Иванов Ѕинго.
Тој на средбата побарал и измени на Изборниот законик со кој се предлага само една изборна единица. Претседателот на Демократскиот сојуз побарал и укинување на Техничка влада, односно предложил овој состав на Владата да продолжи со работа до парламентарните избори.
И лидерот на политичката партија Алијанса за Албанците, Арбен Таравари бара широк консензус за одржување на претседателските и парламентарните избори заедно и посочил оти имаат синхронизирани позиции со партиите од Владата.
Таравари вчера пред почетокот на лидерската средба изјави дека за сега остануваат во Владата и оти нема да дозволат да има дестабилизирање додека има шанси да се случат уставни промени. Појасни дека уште нема никаква одлука во однос на тоа дали СДСМ, ДУИ и Алијанса ќе одат заедно на избори.
На новинарско прашање дали останува на позицијата нивниот членот на ДИК да биде од кај нив и дали имаат поддршка од СДСМ, Таравари одговори дека за член на ДИК одлучува народот на избори.
-За член на ДИК одлучува народот на избори, кои партии земаат најголем број на пратеници. Алијанса за Албанците имаше осум пратеници и имаше член во ДИК. Изет Меџити беше дел од ДУИ од тогаш и ДУИ сега има член на ДИК. Билал Касами беше со СДСМ на иста листа и СДСМ има член во ДИК и господинот Африм Гаши беше со нас и нашиот претставник е претставник на Алтернатива во ДИК. Не знам дали ова прашање ќе се отвори на лидерската средба, но доколку се отвори, ова е нашиот став, рече Таравари.
Инаку, албанската опозиција вчера замина од лидерската средба со образложение дека состанокот го напуштил претседателот на Собранието Талат Џафери и немале со кого да си соочат аргументите за член на Државната изборна комисија.
-Албанската опозиција го напушти состанокот на лидерската средба откако средбата ја напушти Талат џафери кога точка на дневен ред беше членот на Државната изборна комисија. Додека ние елабориравме, тој ја напушти седницата и затоа и ние ја напуштивме бидејќи немаше со кого да ги соочиме аргументите, изјави вчера Изет Меџити.
Европското движење за промена, како што рече Меџити, побарала предвремени парламентарни избори, односно тие да се одржат на 14 и 28 април, односно на 28 април со вториот круг на претседателските да се одржат парламентарните избори. Во однос на техничката влада сметаат дека треба да има техничка влада и во неа министерските места кои претходно и припаѓале на македонската опозиција, сега да им припаднат ним.