Ивановски најави подобрување на железничкиот Коридор 10, но без јасна слика кога ќе се случи тоа

Обновување на железничката пруга по должина на коридорот 10, од Табановце до Гевгелија, планирано е со парите од договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, кој треба да се потпише деновиве, најави директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, кој денес одржа прес-конференција на тема: „Проекти кои произлегуваат од договoрите со Обединетото Кралство”.
За проектите кои ги најави Ивановски изрази надеж дека ќе почнат до Нова година, иако министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, пред неколку дена рече дека тоа би се случило за најмалку девет месеци.
Ивановски немаше одговор за разликата во тајмингот, ниту пак на новинарско прашање зошто е уверен дека ова ќе се реализира, ако се знае дека многу инсфраструктурни проекти од коридорите и железничкиот и патниот се почнати, а и десетина години подоцна не се реализирани, како на пример автопатот од Кичево до Охрид.
– Како дел од инфраструктурните инвестиции е опфатена железничката пруга долж коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција. Железничкиот коридор започнува од Австрија, преку Словенија, Хрватска, Србија, Македонија и завршува во Грција – рече Ивановски.
Појасни дека нема физибилити студии, тендерите би се објавиле подоцна, но кој ќе ги изработи и кога ќе се случи би се знаело по завршување на работата на работните групи што ќе се формираат. Рече дека ќе се потрудат и плановите и реализацијата да му се даде на ист изведувач со цел да нема застој.
– Факт е дека Железница е најеколошкото, најбрзото и најбезбедното копнено превозно средство, но од друга страна факт е дека изминативе години, па и декади, нашата железница е целосно магинализирана и дека состојбата во која што се наоѓа е критична и далеку од посакуваната состојба – рече Ивановски во делот на објаснувањето за оправданоста на ваквата инвестиција.
Тој констатира дека до пред една година товарниот сообраќај во Македонија скоро и да беше замрен.
Патничкиот сообраќај десеткувано намален, целосно укинати меѓународни конекции, а добар дел од градовите во Македонија останаа речиси со никакво железничко поврзување.
– Оваа состојба ќе ја промениме. Почнувајќи веднаш, рече тој.
Како што најави директорот на МЖ Инфраструктура Синиша Ивановски на денешната прес-конференција во Владата, ќе се изврши целосна реконструкција на постојната траса со подигање на брзина над 160 километри на час за патничкиот и до 120 километри на час за товарниот сообраќај. Паралелно со постојната ќе се изгради и целосно нова пруга со што ќе има два колосека при што максимално ќе се исправат кривините и ќе се намали должината на пругата.
-Рокот за изградба е пет години од почетокот на градбата, а се очекува градбата да почне за околу 9 месеци по потпишувањето на договорот. Изведувачот истовремено ќе ја проектира и ќе ја изведува железничката линија. Прво ќе се гради новата траса која ќе биде паралелна со постојната, а потоа ќе се реконструира веќе постојната железничка линија од Табановце до Гевгелија. Со градежната активност ќе биде опфатена и пругата со која ќе се поврзе железничката станица во Скопје со аеродромот во Петровец, информира Ивановски.