Иванов ги чува во фиока и помилувањата
Во кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов вчера не сакаа да коментираат како ќе постапи шефот на државата во однос на барањата за помилување што ги добил од осудените за насилства од 27 април. На еден месец до истекот на вториот мандат, таткото на нацијата се соочува со последната сериозна одлука која, веројатно, ќе се рефлектира и врз политичката клима што ќе го дочека неговиот наследник.
Правниците имаат единствен став дека Иванов не смее да ги помилува осудените, но не се начисто како може да изигра во однос на членот 11 од законот за помилување. Според правните толкувања, постапката за помилување може да се води единствено преку Министерството за правда.
„Избришан е членот 11 од Законот за помилување, кој претходно предвидуваше таква постапка од страна на претседателот, а и со укинувачка одлука на Уставниот суд во 2016 година, тој член не е ‘оживеан’, односно не постои во правниот систем на државава“, смета министерката за правда, Рената Треневска-Дескоска. Според неа, постои и втора пречка, а таа произлегува од фактот што се распишани претседателски избори, а во тој период не можеле да се даваат помилувања.
Сепак, врвните правни имиња што ги консултиравме отвораат простор за различно поимање на можностите што ги има претседателот.
„Постапката за помилување е многу сложена и во овој случај неприменлива. Лицата што бараат помилување мора да бидат правосилно осудени, а предметот за 27 април тукушто ја мина првостепената постапка. Второ, постапката оди преку Министерството за правда, значи осудените треба да се обратат прво таму, па оттаму да дадат мислење. Ако не дадат мислење – постапката запира, а ако дадат – тогаш стигнува до претседателот, кој има посебна комисија за помилување и на крајот лично тој ќе може да ја потпише. Ниту имаме потврдена пресуда ниту осудените се обратиле во Министерството за правда“, посочуваат професорите по уставно право што ги консултиравме.
Тие објаснуваат дека поинаку стојат работите кога е во прашање аболицијата.
„Претседателот во исклучителни ситуации и случаи, кога општествениот интерес тоа го налага, може на одредено лице да му даде аболиција како акт на милост и тоа во било која фаза од постапката: пред судење, за време на судење, по судење… Меѓутоа, апсолутно не може да го направи тоа за повеќе лица наеднаш или за повеќе кривични дела. Во тој случај зборуваме за амнестија, а за тоа надлежно е единствено Собранието. На крајот, се поставува прашање колку се издржани барањата на осудените. Значи, постојат еден куп пречки и правни сопки кои Иванов ќе мора да ги скокне за да потпише аболиција. И на крајот, дури и да се одлучи да го направи тоа, при што треба да бидеме свесни дека во неколку случаи директно го кршеше законот со непотпишувањето на двапати изгласани закони во парламентот, одлуката ќе мора да се објави во „Службен весник“. Во сегашната констелација, тоа изгледа невозможно. Но, еве, и тоа да се случи, одлуката секако ќе биде оспорена пред Уставниот суд, а и претседателот ризикува лична одговорност“, коментираат нашите соговорници.
До кабинетот на претседателот се доставени неколку барања за помилување на осудени лица за случајот „27 април“, а последното пристигнало во петокот. Премиерот Зоран Заев рече дека не очекува Иванов да потпише аболиција бидејќи тоа не постоело повеќе како законска можност.
„Со последното давање на аболицијата се потврди непостоењето на соодветните членови кои не постојат во законот за претседателот да го искористи тоа право“, истакна Заев.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој е застапник на дел од осудените за крвавите случувања во парламентот, реплицира дека не можеме да зборуваме за правила кога никој не ги почитува, ниту за закони кога секој ги применува како што сака.
„Претседателот Иванов може да даде аболиција како што направи претходно за непочнати предмети. Во овој случај, од политички причини и потреби, Законот за амнестија е применет нееднакво. Во сите свои обраќања, Иванов кажува дека се залага за почитување на законите и Уставот, па еве му шанса да докаже дека сите треба да бидат еднакви пред законот“, изјави Давидовиќ.
За насилствата во Собранието на 27 април 2017 година, на 15 март годинава на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица. Највисока казна од 18 години доби поранешниот министер за внатрешни работи и директор на БЈБ, Митко Чавков.
Законот од 1993, изменет во 2009 година
Законот за помилување е усвоен во 1993 година и во него во членот 11 е предвидено дека претседателот по исклучок да може да помилува граѓани и без да ги чека судските процедури. Но, со измените на Законот во 2009 година, тој член 11 е избришан, со што претседателот повеќе не може да помилува. Во март 2016 година Уставниот суд донесе одлука да се укине законот од 2009 година и да се врати стариот закон од 1993 година, каде што постои членот 11, а со тоа и правото на претседателот да помилува. Само еден месец подоцна, Иванов им даде аболиција на 56 лица опфатени со истраги на Специјалното јавно обвинителство што беше причина за протести.
Пред неколку месеци, Владата амнестираше педесетина лица осомничени за насилствата во парламентот од 27 април 2017 година.
Што вели членот 11
„Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано“.
Горан Адамовски