Итно затворен патот за Теферич, објави градоначалничката на Кисела Вода


Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска објави дека е донесена одлука за итно затворање на патот по извршен повторен увид на терен и стручни анализи.

Таа на својот Фејсбук профил соопшти дека одлуката била донесена по заедничката проверка со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и во координација со надлежните институции.

„По денешниот повторен увид на терен со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и извршените стручни анализи, во координација со сите релевантни институции, донесена е одлука за итно затворање на овој патен правец“, објави градоначалничката.

 

Таа  уверува дека веќе се работи на трајно решение.

„Интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето“ наведува Стаменкоска Трајкоска.

Градоначалничката упати апел до граѓаните да ја почитуваат поставената сигнализација.

„Апелираме до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот. Посветени сме на изнаоѓање на најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција“, порача Стаменкоска-Трајкоска.

Останува отворено прашањето што нема официјално соопштение до медиумите од надлежните или барем на фејсбук страницата на Општина Кисела Вода.

Патот на Теферич повторно распука – пет месеци по реконструкцијата