Италија утре пак ќе врие заради Палестина

РИМ – Италијанските синдикати повикаа на генерален штрајк за петок во знак на солидарност со меѓународната флотила за помош за Газа „Глобална флотила Сумуд“, која беше пресретната доцна синоќа од страна на израелските власти.
Маурицио Ландини, лидер на CGIL – најголемиот италијански синдикат предупреди дека ваквата акција е „чин на војна“, ветувајќи дека синдикатите се подготвени веднаш да се мобилизираат доколку флотилата биде запрена, учесниците бидат уапсени или бродовите запленети.
Заканата доаѓа само две недели по националниот штрајк што мобилизираше половина милион луѓе, ги прекина возовите и предизвика судири со полицијата.
Вицепремиерот Матео Салвини ги обвини „CGIL и крајно левичарските екстремисти“ дека се обидуваат да ја турнат Италија во „хаос“. Премиерката Џорџија Мелони, зборувајќи на маргините на неофицијалниот самит на ЕУ во Копенхаген, повика на воздржаност, велејќи дека иако ублажувањето на страдањата на Палестинците треба да биде приоритет, организаторите на флотилата можеби имаат и други цели.
Рим и Атина заеднички апелираа до Израел да ја гарантира безбедноста на флотилата, предлагајќи помошта да се насочи преку Латинската патријаршија во Ерусалим.
Израел соопшти дека Грета Тунберг и нејзините коактивисти ќе бидат депортирани во Европа откако ќе бидат донесени на израелско тло.
„Патниците на Хамас-Сумуд на своите јахти безбедно и мирно се упатуваат кон Израел, каде што ќе започнат процедурите за нивна депортација во Европа. Патниците се безбедни и во добра здравствена состојба“, соопшти израелското Министерство за надворешни работи.
Претходно, израелското Министерство за надворешни работи објави дека бродовите на флотилата со хуманитарна помош за Газа се запрени, а шведската активистка за заштита на животната средина Грета Тунберг и „нејзините пријатели“ се однесени „неповредени и во добра здравствена состојба“ на израелско пристаниште.
За денеска се очекуваат нови протести ширум Белгија, а преку социјалните мрежи се организираат собири во повеќе градови, меѓу кои и во Брисел, Гент, Лувен, Лиеж и Намур.
Протестите се одржаа по медиумските извештаи дека припадници на израелските безбедносни сили вчера попладне околу 16 часот по средноевропско време се истовариле на 13 бродови од флотилата, додека тие, според организаторите на конвојот, се наоѓале во меѓународни територијални води крај бреговите на Газа и Израел.
Инаку, слични протести за осуда на пресретнувањето на дел од флотилата синоќа се одржаа во неколку други европски градови, меѓу кои и во Париз, Берлин, Рим, Атина, Стокхолм, Истанбул и Барселона.