Две третини од граѓаните во Македонија не им веруваат на политичарите


Политичката советодавна група Балканот во Европа (БИЕПАГ) од Грац објави големо истражување за регионот од кое се гледа дека огромен процент од граѓаните во Македонија не им веруваат на политичарите (68 отсто), а голем процент ни на институциите и, што е најинтересно – на војниците им веруваат повеќе отколку на медицинските работници (11 отсто).

Она што е сепак посуштинско во истражувањето е дека веќе не може да се зборува ни за евроспектицизам туку за политичка дезоирентираност во Македонија, бидејќи граѓаните имаат лажна престава за тоа кој најмногу и помага на Македонија околу пандемијата, ја напуштаат демократијата и се вртат кон цврста рака, место кон Европа се повеќе гледаат кон Србија, Турција ја сметаат за најпријателска а економскиот развој на земјата го ставаат пред евроинтеграцијата, владеењето на правото и демократијата. Само 44 отсто од граѓаните се изјасниле за целосно членство во ЕУ, додека 18 отсто би се задоволиле со некоја економска интеграција и 13 отсто се за прекин на преговорите.

-Сликата не е розова, тенденциите се опасни, ги сумираше резултатите Зоран Нечев кој со Флориан Бибер се автори на истражувањето, кое пак е спроведено од ИПСОС. Единствено позитивно во него е дека ако има повторно референдум за членството во НАТО дури 68 отсто би го поддржале тоа, што индиректно сугерира дека граѓаните стојат зад Преспанскиот договор додека го гарантира, а на ЕУ и вртат грб бидејќи не веруваат во европската перспектива. 

Поконкретно, на прашањето  која земја/ блок обезбедила најмногу помош за Северна Македонија за време на пандемијата, дури 52 отсто одговориле дека тоа е Србија, 16 отсто ЕУ, 15 отсто Кина, а 11 отсто Русија. Реалните бројки, пак, покажуваат  дека до први декември Македонија добила 2.097.000 вакцини – од кои 920.000 биле донација, а од нив дури 740.000 донирани вакцини биле од ЕУ или од земји членки на Унијата. За споредба, Србија ни дала 48.000 вакцини (настрана од тие што се вакцинираа во Врање и Белград), Турција 30.000, а Кина 100.000 вакцини. Притоа, како куриозитет беше споменат фактот дека 76 отсто од Србите ја навеле Кина како земја што најмногу и помогнала на Србија во пандемијата, а летот и сите вакцини што ги донесе таа, поточно целото кинеско шоу во Србија – ги платила ЕУ. 

На прашањето која од наведените земји има најголемо негативно влијание на Македонија, 28 отсто ги посочиле заливските земји (ОАЕ, Катар и Саудиска Арабија), а потоа САД (24 отсто), Кина (22 отсто) и ЕУ (21 отсто). Која пак земја или блок влијае најпозитивно, 49 отсто ја посочиле Турција, 41 отсто ЕУ, 37 отсто Русија, а САД се на четврто место со 36 отсто. 

На прашањето дали веруваат дека демократијата е важна за да се решат кризи како оваа со пандемијата, дури 40 отсто одговориле дека демократските процедури се важни, но во одлучувачки момент крајниот збор треба да го имаат институциите, додека дополнителни 14 отсто сметале дека во авторитарните земји подобро се справиле со пандемијата, што асоцира дека решението го гледаат во „цврста рака“. За споредба во Србија дури 64 отсто се изјасниле за авторитарни решенија. 

Сепак, на прашањето на кого треба да се ослони Македонија околу безбедноста, 22 отсто ја посочиле ЕУ,  19 отсто НАТО, додека Русија е трета со 16 отсто, а САД по неа – со 13 отсто. Куриозитет притоа е дека во Србија како земја што најмногу го подржува членството на земјата во ЕУ ја посочиле Унгарија, додека сите други во таа улога ја виделе најмногу Германија. 

Околу 60 отсто од македонските граѓани за првпат му дале приоритет исто така на економскиот развој  пред ЕУ, која добила само 22 отсто, а само 9 отсто ја посочиле како приоритет  демократијата. Кажано поинаку, според анализата на БИЕПАГ, само една петина од нашите граѓани поддржуваат полноправно членство во ЕУ ако ни понудат други опции со економска помош, а 28 отсто во овој случај се залагаат  за прекин, па и напуштање на преговорите со ЕУ. (С.Ј.)