Истражување: Граѓаните во МВР гледаат дека најмногу се бори против корупцијата

Има само четири судски пресуди што се однесуваат на поткуп, а 98 за злоупотреба на службена должност


 

Корупцијата претставува најголем проблем во државата, на секој трет граѓанин му било побарано мито, додека секој четврти дал, што не одговора на состојата со справување со корупцијата, особено во судскиот систем каде што имаме 98 случаи на пресуди за злоупотреба на служебна должност и само четири за давање или примање поткуп, истакна Александар Кржаловски директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Кржаловски на денешниот отворен форум за антикорупција на кој се дискутираше за мерките и политиките кои се преземаат и треба да се преземаат во борбата против корупцијата, се осврна на резултатите од извештајот за проценка на корупцијата на РСМ, антикорупциските перформанси во јавните набавки на институциите на централната и локалната власт.

„Во ова истражување беше земено предвид и мислењето на граѓаните, според кое ситуацијата е полоша во институциите, односно граѓаните ги перцепираат министрите, лидерите на политичките партиии, судиите како најкорумпирани професии и следствено најкорумпирани институции се владата, судиите и прламентот, па таму и треба да почне да се води борбата против корупцијата“, истакна тој.

Кржаловски рече дека она што е интересно во ова истражување на МЦМС е дека МВР било препознаена како институција која најмногу се бори против корупцијата, а после неа следи Државната комисија за спречување корупција. Во МВР имаат доверба 33,9 отсто, а во ДКСК 31,2. Владата е пред судството и обвинителството во ова истражување.

За разлика од минатите години, според истражувањето, има подобрување во тоа што граѓаните гледаат поголема надеж во справувањето со корупцијата. 

На настанот присуствуваа и претседателот, Стево Пендаровски, амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, вицепремиерката Славица Грковска и главниот државен ревизор Максим Ацевски.

Претседателот посочи дека е среќен што институцијата претседател во истражувањето покажала дека е најмалку кормпирана, но бројките јасно покажале дека претстои многу работа, но дека со оглед на предизборниот период и фокусот на политичките актери на изборите тоа ќе ѝ преостане на следната влада.

Според Пендаровски, најголем проблем не е реториката за корупцијата, туку имплементацијата.

„Видовте дека најголемиот проблем не е реториката за корупцијата или антикорупциската реторика, туку имплементацијата, она што посебно ме загрижува и го знаеме го живееме, но кога ќе го каже странец добива еден посебен призвук, имено  холандскиот амбасадор во едно интервју со критики на ова тема вели треба да го промениме менталитетот не само законите, порописите. Менталитетот се менува со години ако притоа има јасна политичка волја и широк општествен и политички консензус“, рече тој.

Амбасадорот Давид Гир посочи дека владеето на правото и борбата против корупцјата се многу важни за државата на патот кон ЕУ. Тој рече дека државата не забележува прогрес во борбата против корупцијата и дека тоа е долг процес кој бара длабоки структурни промени во сите институции, но дека пред се клучна е политичката волја.

Извештајот е  изработен во рамките на проектите „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење на капацитетите за застапување врз база на докази, влијание врз политиките и граѓански ангажман“ и „Граѓаните против корупцијата“.