Истражување: Граѓаните се сомничави кон медиумите, но не ги проверуваат

Иако граѓаните се сомневаат во објавените информации од медиумите, ретко преземаат мерки за проверка на нивниот кредибилитет и вистинитост. Ова го покажа истражувањето на јавното мислење „Практиките и перцепциите на граѓаните во поглед на информирањето и справувањето со дезинформациите“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го реализираше во текот на февруари Спроведувач на анкетата беше Институтот за демократија „Социетас цивилис“ на репрезентативен примерок од 1 000 полнолетни граѓани од различни региони низ државата.
Како што соопштуваат од ИКС, прашани за способноста за препознавање дезинформации, 41 отсто од испитаниците сметаат дека понекогаш успеваат, 29 отсто веруваат дека секогаш можат да ја детектираат вистинитоста на информацијата, додека 11 проценти признаваат дека воопшто не можат да ги разликуваат лажните од вистинитите информации. Сепак, дури 80 проценти од испитаниците ретко или воопшто не го проверуваат авторот на веста, а 71 отсто ретко или воопшто не го проверуваат издавачот.
Во однос на тоа колку често се случувало да споделат информации за кои подоцна е утврдено дека се неточни, мнозинството граѓани (52 %) сметаат дека се случувало, но не толку често, додека високи 40 отсто се уверени дека информациите што ги споделуваат секогаш се вистинити. Во однос на изворите на дезинформации, 36 проценти од испитаниците сметаат дека политичките партии се главниот извор на ширење дезинформации, 12 отсто ја посочуваат медиумската сфера, а 4 отсто ги наведуваат државните институции. Меѓутоа, речиси половина од испитаниците (47 %) сметаат дека сите тие заедно се чести извори за ширење дезинформации помеѓу граѓаните.
Перцепцијата за доверливоста на медиумите, според истражувањето, е поделена: 29 отсто од граѓаните се сомневаат во сѐ што се објавува, а ист процент ја проверуваат истата вест во други релевантни медиуми, додека само 21 процент веруваат дека доколку нешто е објавено, тогаш е точно. Во однос на квалитетот на медиумските содржини, 74 проценти од испитаниците споделуваат мислење дека медиумите пренесуваат само основни или површни информации, без длабинска анализа. Теми од најголем интерес за испитаниците се: здравството, јавните финансии и образованието.
-Истражувањето покажа дека 51 отсто од граѓаните се информираат неколку пати во текот на денот, додека 27 проценти го прават тоа еднаш дневно, што упатува на заклучокот дека висок процент од испитаниците секојдневно се информираат на различни теми. Телевизијата, социјалните медиуми и онлајн-порталите остануваат најчести извори на информации, додека помалку од 10 отсто се потпираат на лични контакти за добивање вести, стои во соопштението.
ИКС го реализирало истражувањето на јавното мислење во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.