Истрага за обид за убиство и загрозување на сигурноста на сопругата
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 55-годишник осомничен за кривично дело – убиство во обид, а против него поведена е и постапка за загрозување на сигурноста.
ОЈО Скопје соопшти дека на 1 март, во семејниот дом, во присуство и на друго лице, при вршење семејно насилство, тој со умисла се обидел да ја лиши од живот својата сопруга. Извадил пиштол што го поседувал со дозвола, го репетирал и испукал еден куршум, кој поминал покрај оштетената, се одбил од паркетот и завршил во прозорецот. Потоа се симнал на долниот кат и на двете ќерки им кажал дека пукал во мајка им. Тие заедно со оштетената си заминале од домот. На 5 март осомничениот повторно пред двете деца се заканувал со пиштолот на сопругата, со намера да ги вознемири и да ги заплаши.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и постапката, како и опасност да го доврши убиството кое се обидел да го стори.