Историчарите во ќор-сокак и по последната средба на комисијата во Софија

Во Софија денеска и вчера се одржа 35. средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, соопшти претседатeлот на македонскиот дел од тимот, Ванчо Ѓорѓиев.
При отворањето на средбата, македонскиот тим искажал благодарност кон Република Бугарија и нејзините институции за укажаната помош при згрижување и лекување на настраданите од трагедијата во Кочани, како и кон бугарското општество и граѓаните за искажаната емпатија и солидарност.
Средбата поминала во работна и конструктивна атмосфера, по прашања од делокругот на работата на Комисијата.
„На средбата се дискутираше по предлог-препораки за македонските учебници за VII одделение, како и за евентуални заеднички чествувања. По однос на овие теми двете страни низ една динамична дискусија ги соочија своите ставови, при што не беше постигнат напредок. Притоа беа усогласени ставовите по нацрт-записникот од 29. средба“, се наведува во соопштението.
Претходната средба за заедничката историска комисија се одржа во февруари годинава во Скопје. Следниот состанок на македонските и бугарските историчари предвидено е да се одржи Скопје во јуни.