Исмаили ќе ја лекува културата
По речиси два месецa откако поднесе оставка Асаф Адеми, Министерството за култура ќе добие прв човек. Премиерот Зоран Заев најави дека Хусни Исмаили ќе застане на чело на овој ресор.
На собраниската седница што почнува в среда, Исмаили треба и официјално да биде именуван.
Во неговата биографија пишува дека тој е родум од Тетово, каде што завршил основно и средство образование. Дипломирал и магистрирал на медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а докторирал на медицинскиот факултет во Тузла, Босна и Херцеговина.
Во неговото работно искуство се впишува и професорската работа во средното медицинско училиште во Тетово, а подолги години бил и матичен лекар, како и лекар специјалист во здравствени установи во Тетово.
Од 2009 година е доцент на медицинскиот факултет при Универзитетот во Тетово. Исмаили, покрај тоа што албанскиот јазик му е мајчин јазик, пишува и зборува уште четири јазици, и тоа македонски, турски, англиски и босански.
Во неговата биографија се запишани и културни активности, меѓу кои уредништво на книги, организатор на првиот Саем на книга на приватните Албански издавачки куќи, како и уредување на радиодрами и изготвување 90 радиоемисии од областа на културата. Тој бил уредник и раководител на 80 телевизиски документарни програми на албански јазик во Македонија и пошироко. Исмаили е и еден од основачите на Културно-хуманитарната организација „Мерахмет“ основана во 1999 година во Скопје.
Издал и неколку книги од областа на кинезиологијата, ревматологијата и кинезитерапијата на албански и албанско-македонски јазик.
Учествувал и издал и многубројни научни трудови од областа на медицината. Во биографијата се запишува и учество на повеќе меѓународни и регионални конференции.
Исмаили на функцијата министер за култура доаѓа во период кога се отвораат конкурсите за националните установи за аплицирање на проекти во рамките на Годишната програма од културата за 2020 година.
Токму за резултатите на Годишната програма за 2019 година во јавноста се изнесоа незадоволства, поради што одреден дел од одлуките мораше да се ревидираат.
И.Н.