Исклучувањето на ВМРО-ДПМНЕ од ЕПП за Мицкоски е виц
„Не е април, но би била добра првоаприлска шега“. Ова е кусиот коментар што денеска низ насмевка го даде премиерот Христијан Мицкоски во врска со изјавата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој најави дека од Европската народна партија (ЕПП) ќе побараат исклучување на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно денеска, бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ, Андреј Ковачев,рече дека ќе побараат партијата да ја исклучи ВМРО-ДПМНЕ, која е дел од ова „семејство“ на партии од десниот центар во Европа. Ковачев оцени оти ВМРО-ДПМНЕ на секој начин покажува дека сака да се приклучи кон Фидес, партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан бидејќи, оддалечувајќи се од вредностите на ЕПП.
Запрашан како го коментира барањето на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, за оставка на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во врска со неговите изјави кои предизвикаа низа реакции од Бугарија, Мицкоски вели дека нема што да додаде од она што Николоски веќе го дал како одговор на тезата на Борисов.
Го повтори својот став оти македонското прашање е во фокус на предизборната кампања во Бугарија и како резултат на, како што вели, има недостиг на сериозна визија, проекти, стратегија и политики на тамошните политичари.
„Мислам дека треба да си го гледаме нашиот интерес како држава, да не влегуваме во замката на нивната предизборна кампања и реториката којашто е дел од предизборната кампања во Бугарија. Им посакувам успешна кампања и конечно по седми пат да изберат стабилна политичка влада со која ќе можеме да градиме вистински добрососедски односи и заеднички да чекориме кон патот на целосна интеграција на нашата земја во ЕУ. Тоа впрочем и се очекува од добри соседи, затоа и постои договор што се нарекува добрососедски“, додаде Мицкоски.