Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Хамнеи, ги отфрли нуклеарните преговори со САД


Техеран нема да преговара директно со САД за својата нуклеарна програма, а врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи ги нарече разговорите со Вашингтон „ќорсокак“, додека во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации (ГС на ОН) во Њујорк во моментов има дипломатски преговори на оваа тема, пишува Ал Џезира.

Коментарите на Хамнеи на иранската државна телевизија вчера следеа по состанокот на шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, со дипломати од Германија, Франција и Обединетото Кралство – познати како Е3, како и со високиот претставник на Европската унија за надворешна политика, Каја Калас, за повторното воведување на санкциите, кои треба да стапат во сила за неколку дена.

Обновувањето на преговорите со САД е главната пречка меѓу преговарачите. За време на својот говор на ГС на ОН, американскиот претседател Доналд Трамп вети дека Иран „никогаш нема да поседува нуклеарно оружје“, опишувајќи го Техеран како „најголем спонзор на тероризмот во светот“.

„САД однапред го објавија исходот од преговорите“, рече Хамнеи во своето снимено обраќање. 

„Резултатот е суспензија на нуклеарните активности и збогатувањето. Ова не се преговори. Ова е наредба, наметнување“, наведе ајатолахот.

Како потсетување, пред неколку дена Советот за безбедност на ОН (СБ на ОН) ја отфрли предложената резолуција за продолжување на олеснувањата поврзани со санкциите за Иран. Земјите од Е3 го обвинија Техеран за кршење на своите нуклеарни обврски, вклучително и складирање ураниум повеќе од 40 пати над нивото дозволено според нуклеарниот договор од 2015 година, од кој Трамп еднострано се повлече во 2018 година за време на неговиот прв мандат.

Заедничкиот сеопфатен план за акција (JCPOA) беше потпишан меѓу Иран и светските сили, вклучувајќи ги и САД, и со него беа укинати санкциите во замена за ограничување на нуклеарните амбиции на Иран. Но, како дел од својата политика на „максимален притисок“, Трамп повторно воведе санкции врз Иран во 2018 година.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден ја продолжи политиката на Трамп кон Иран, и покрај тоа што првично ја критикуваше.

Европските земји изјавија дека се подготвени да го продолжат рокот за санкции доколку Иран продолжи со директните преговори со САД за неговата нуклеарна програма, им дозволи на инспекторите на ОН пристап до неговите нуклеарни постројки и ја разјасни ситуацијата со повеќе од 400 килограми високо збогатен ураниум, кој, според нуклеарната агенција на ОН, го има на располагање.

Дописникот на Ал Џезира од Њујорк, Џејмс Бејс,  објави дека шефот на германската дипломатија, Јохан Вадефул, изјавил дека вчерашниот состанок на маргините на Генералното собрание на ОН „не поминал баш добро“.

Европскиот преговарачки тим мора да види некои „сериозни потези“ од Иран за да избегне санкции, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ Калас. „Дипломатијата има шанса. Роковите истекуваат, па ќе видиме. Мора да видиме некои сериозни потези од иранската страна“, рече таа.

Иран постојано негираше дека развива нуклеарно оружје, но го потврди своето право на мирно користење на нуклеарната енергија. Говорот на Хамнеи вчера ја потврди нуклеарната доктрина на Техеран: Иран не сака нуклеарно оружје, но нема да попушти пред меѓународниот притисок, објави дописникот на Ал Џезира од Техеран, Тохид Асади.