Интервју со Наташа Габер-Дамјановска: Државата плаќа за обуката на идните судии и обвинители


Околу 670 кандидати се „борат“ за 60 места во Академијата за судии и јавни обвинители. Директорката на Академијата, Наташа Габер-Дамјановска, во интервју за „Независен весник“ открива колку судии и обвинители недостигаат во Македонија и детално образложува што сè треба да положат идните судии или обвинители. За стручните соработници вели дека нема да се дозволат скратени тестирања, но објаснува дека на сите кандидати државата им плаќа да се обучат.

Законските измени во правосудството се донесени, сега следува период во кој ќе можеме да ги видиме ефектите од ваквите интервенции под будното око на јавноста и медиумите, да видиме дали има волја промените да се случат. Несомнено тука е многу битен човечкиот фактор, односно дали има волја новиот пристап да заживее и во практика, вели во интервју за „Независен весник“, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска

Академијата за судии и јавни обвинители објави оглас за прием на нови 60 слушатели. Колку вкупно судии и обвинители ѝ се потребни во моментов на државава?

Двата совета, Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, се обврзани со Законот за Академија за судии и обвинители до крајот на март секоја тековна година да ги доставуваат своите проекции и потреби за кадри во основните јавни обвинителства и основните судови. Оваа проекција се однесува на тоа колку празни позиции актуелно постојат и колкава е проекцијата на лица кои ќе заминат во пензија, со цел да се предвиди колку слушатели би требало Академијата да планира да запише. Годинава, добивме голема бројка на потреби, збирно се работи за 120 позиции кои не се пополнети (од нив, 65 места се од обвинителството, а 55 од судството). Академијата има генерација која завршува ова лето и го полага завршниот испит во текот на првата половина од јули, се надевам дека сите ќе го положат за потоа да можат набргу да започнат со своите работни обврски. Мора да напоменам дека овие 37 слушатели кои ќе завршат не се вклучени во овие 120 позиции кои се евидентираат како потреба од страна на советите. Со оглед на просторните можности на Академијата, ние не можеме физички да примиме повеќе од 60 слушатели, под услов да ги користиме двете предавални и да нема во тој период, додека им трае теоретската настава од девет месеци, континуирана обука кај нас. Тоа значи дека ќе ја жртвуваме малку континуираната обука, односно ќе ја организираме во други простории кои ќе ни ги отстапат за да можеме побргу да излеземе во пресрет на  основната обука.

Дали има некои нови критериуми во однос на претходно?

Со измените на законот што беа донесени во 2018 година се елиминираше единствено условот за просечна оценка од најмалку осум за време на студиите, за да може некој да поднесе апликација за прием во Академијата. Исто така, сега не се бара јазичен меѓународно признат сертификат за познавање на странски јазик, туку полагањето ќе се одвива во рамки на испитите што ги организира Академијата. Мислам дека тоа е подобра варијанта, со оглед на лошото претходно искуство кое го имавме и се надеваме дека сликата за знаењето на идните кандидати ќе биде реална. Нивото кое се бара за јазик е Б1 и не е високо (според старото законско решение меѓународниот сертификат требаше да биде Б2). Сите други услови остануваат исти.

Колку кандидати има пријавено за 60 места и од што се состои испитот?

Конечната бројка ќе ја знаеме кога комисијата ќе ги прегледа сите апликации и ќе потврди дека се уредни, но досега се имаат пријавено околу 670 кандидати. Верувам дека таа состојба сигурно е фрустрирачка за оние кои сакаат да се запишат, со оглед на ваква голема конкуренција. Од друга страна, треба да се размислува и од аспект на Академијата која е придобивката, поради тоа што при ваква огромна бројка на заинтересирани ќе добиеме квалитетни слушатели.

Самиот испит е многу комплексен, има повеќе делови. Според динамиката која идната недела би требало да ја прифати Управниот одбор и да ја објавиме на нашата веб- страница, кон крајот на август би требало да се оствари полагањето за странски јазик. Тука сакам да нагласам дека секој дел од испитот ќе биде елиминаторен, вклучително и тој за странскиот јазик. Сметаме дека Б1 ниво е минимум пристојно ниво на знаење на јазик којшто идните судии и обвинители на оваа држава мора да го знаат. Во својата работа во иднина ќе мора да консултираат странска практика, ќе мора да бидат во состојба да читаат странска литература. Понатаму следува квалификаторен испит, кој е прв дел од стручниот испит, ќе биде организиран околу 11-12 септември, ќе се полага на компјутер. Тука веќе ќе се исфилтрира првиот бран на апликанти, бидејќи ова е првиот дел од стручниот (правен) дел од испитот. Следува психолошкиот тест, потоа тестот за интегритет и на крај ќе биде одржан последниот дел од испитот кој се состои од два дела. Во првиот дел кандидатите извлекуваат две студии на случај, едната од граѓанско, другата од кривично право и потоа следуваат прашања во врска со самата студија на случај. Вториот дел од испитот се однесува на усното изразување коешто се полага пред Комисијата. Збирот на бодовите од сите тестови го дава финалниот ранг според кој се рангираат кандидатите.

Кога завршуваат овие 60 слушатели?

Многу ќе зависи од динамиката на поднесување на приговори и жалби, поради тоа што кандидатите го имаат тоа право. Додека завршат сите фази, јас мислам дека во најоптимистичко сценарио би требало некаде на почетокот на следната година да почнат со теоретскиот дел од наставата.

Колку време трае Академијата?

Две години, од кои девет месеци се теоретска настава, а 15 се практична настава која се води во судовите и обвинителствата под надзор на посебно назначени ментори за секој кандидат. Менторите работат со кандидатите, заедно подготвуваат различни акти, учествуваат во симулации на судења и слични практични активности, ги посетуваат сите нивоа на судството и обвинителството,  а потоа полагаат завршен испит.

Како се одредува кој од нив ќе биде судија, а кој обвинител?

Соодносот на судско-обвинителски места како бројка првично го определува Управниот одбор по консултација со советите. Најдобро рангираните имаат право да изберат дали сакаат да бидат судии или обвинители, а потоа листата се пополнува според расположливите места до крај. Проблем е што обично најголемиот дел преферираат да бидат судии и да работат во Скопје. Се разбира дека оваа состојба е неодржлива, бидејќи и другите градови низ државата имаат потреба од кадри. Тоа е проблем кој ќе треба да се решава многу сериозно и на високо ниво, со креирање на соодветни политики за кариерно напредување и водење сметка за работните услови во случај некои кадри да работат надвор од местото на нивно живеење.

Стручните соработници, кои со години работат во судовите и обвинителствата, бараат скратена обука во Академијата за судии и јавни обвинители. Ќе има ли некои привилегии за нив?

Во сила е сегашното законско решение, а тоа решение определува едукација од две години. Европската комисија поради своите опсервации и наоди не се согласува со скратен период на едукација во Академијата. За да добиеме во време, а и да побрзаме колку што е можно да одговориме на кадровските потреби, целата постапка за прием и тестирањето се започнати сега и се постапува според актуелното законско решение. Секоја чест за стручните соработници, на кои ако веќе си ја знаат работата уште полесно ќе им биде да го положат тестирањето. Слушателите, според сегашното законско решение, даваат отказ од работа и се вработуваат во Академијата. Практично, државата плаќа тие да учат и да се усовршуваат, а потоа со значителна извесност ако успешно ја завршат обуката, ги очекува угледно работно место. За овие 60 позиции што сега ќе ги отвориме, Академијата веќе има одобрување од Министерството за финансии.

Како ги оценувате реформите во судството по објавувањето на извештајот на Европската комисија, со оглед на тоа дека се најавуваше реизбор на судии, ветинг на судии, при што на крајот констатиравме дека нема доволно судии?

Според мојот впечаток, мислам дека Македонија ќе има можност да исчекори во своите интеграции, да започне преговори, што мене особено ме радува бидејќи како што ќе тече процесот на преговорите, всушност, ќе се тестираат и согледуваат оние системски елементи кои допрва треба да се коригираат и мислам дека тоа е одличен тест за целиот наш систем, вклучително и правосудството.

Сведоци бевме дека во последната година се носеше Законот за судови кој доби позитивна оцена од Венецијанската комисија и други системски корекции. Очигледно дека постоеше потреба од дополнување или корекција на законите за да биде работата на целото правосудство поефикасна, поефективна, потранспарентна. Сега законските измени и дополнувања се донесени и битна е нивната имплементација. Несомнено тука е многу битен човечкиот фактор кој ќе ги примени, постои ли таква волја и елан новиот пристап и во практиката да заживее. Јас мислам дека сега следува периодот во кој ќе може да ги видиме ефектите од ваквите интервенции под будното око на јавноста и медиумите и да видиме дали има волја промените да се случат.

Извештајот стигна, Владата и опозицијата уште не го договориле Законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши статусот на СЈО.

Мислам дека Европската комисија сфати дека во тоа прашање директно се одразува политичкиот интерес на некои актери во државата и можеби сметаше дека не е фер на некој начин временски да ја притиска државата тоа да го достави како завршена обврска во овој момент. Излегува дека прашања што би требало да се несомнено јасни за секој правник се толкуваат и се релативизираат, извртувајќи ги принципите. Затоа верувам дека ова прашање е малку временски поместено.

Фросина Факова-Серафиновиќ